gogo

A+ R A-


Македонските фудбалски судии бедно платени

пишува - Оливер Арсовски (статијата е објавена во ВЕСТ)
Една арбитража во ЛШ како цела сезона во домашното првенство

Пред неколку дена од седиштето на УЕФА пристигна убава вест дека најдобриот македонски фудбалски судија Александар Ставрев влегол на листата на најдобри 40 европски судии. Тоа значи дека наскоро би требало да го гледаме како ја дели правдата на некое големо натпреварување како европско или светско првенство, или, пак, Олимпијада.

Овој убав настан ни даде повод да истражуваме колку заработуваат најдобрите македонски судии во споредба со нивните колеги од Балканот и од Европа. Одговорот е: бедно. Таксата која клубовите ја плаќаат на еден главен судија на прволигашки меч во земјава изнесува 6.000 денари, плус дневница од околу 1.600 денари, или вкупно не повеќе од 120 евра. Најблиску до нас се српските судии кои заработуваат по 220 евра на еден прволигашки натпревар. Нешто подобро се платени хрватските арбитри со 300 евра, а далеку понапред се бугарските судии со 500 евра. Споредба со нивните колеги во Англија, Италија и Франција не е ниту можна, затоа што таму судиите се професионалци, и според достапните информации, годишно заработуваат меѓу 120 и 150 илјади евра, или некаде околу 5.000 евра по натпревар.

-Еден македонски судија кој припаѓа на ТОП 10 судии, во една сезона просечно суди околу дваесет прволигашки и второлигашки мечеви. На уште десеттина мечеви се јавува како четврти судија, каде таксата изнесува 3.500 денари. Сето тоа кога ќе го помножиме, се добива една бројка од околу 170.000 денари, или не повеќе од 3.000 евра. Ако се земе предвид македонскиот стандард, оваа цифра не е за потценување, дури би рекол дека е исплатливо хоби. Имајќи превид дека судењето не ни е основна професија, излегува дека е за наши услови исплатливо хоби. Но, доколку споредиме колку заработуваат колегите на Балканот, нашата заработувачка е неколкупати помала – ни рекоа судиите кои ги консултиравме.

Заработката на најдобрите македонски судии како Александар Ставрев, Горан Спиркоски, Љубомир Крстевски, Димитар Мечкаровски, Петар Мантев, дополнително расте со нивните ангажмани на евро-сцената. Така, на пример, една арбитража на нашиот најдобар судија Ставрев во Лигата на шампиони би му донела околу 2.500 евра, или цифра која би ја заработил за една година судење на домашната сцена.


Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.