Мечевите како овој денешниот со Работнички (16.30 ч., Кратово), се оние од кои ви зависи цела сезона. Така некако размислуваат во редовите на Силекс, и фудбалерите и стручниот штаб, во очи денешната мега пресметка со „романтичарите“. На пет кола до крајот, кратовци речиси и немаат право на грешка, затоа што заостануваат три бода зад Ренова и Пелистер, додека Работнички е малку покомотен на третата позиција, но сигурно ќе сака денеска да ја заврши работата и да одигра релаксирано до крај на сезоната. Стратегот на кратовци и екс-тренер на Работнички, Жикица Тасевски, добро го знае тоа и подготвува тактика со која ќе го надмудри својот добар пријател Виктор Треневски.-Натпреварот со Работнички е од големо значење за нас, тоа е клуб во кој долги години сум бил и носам само убави спомени. Но, сега Кратово е мој дом, а јас сум професионалец и максимално сум фокусиран на работата во ФК Силекс.
Што се однесува до мечот, имавме густ распоред во изминативе две недели во кои одигравме пет меча и сега работиме на опоравок на играччите и на тактичка подготовка за мечот. Го респектираме Работнички и ги знаеме неговите квалитети, но играме на домашен терен и ќе ги нападнеме трите бода. Знам дека мотивацијата кај моите играчи е голема кога играме со тимовите од врвот на табелата. Сакаме да дојдеме до трета победа во низа со која ќе се доближиме на конкурентите. Ќе треба многу дисциплина, трчање и концентрација во текот на целиот натпревар. Работнички има одличен тренер и јаки индивидуалци, и затоа велам дека ќе одлучуваат нијанси. Кај нас е присутна огромна желба за победа и се надевам ќе ја преточиме на терен во нови три бода - изјави за Аберџија“ стратегот Жикица Тасевски.
Тимот на Виктор Треневски гостува во Кратово, а Силекс исто така има се уште амбиции за излез на меѓународна сцена, со оглед на освоените 42 бода.
„Првенството е во завршница, интересно е и во трката за излез во Европа, и за опстанок. Секој нов меч е нов предизвик, а ние сме фокусирани на неделното гостување во Кратово. Силекс е квалитетен тим, посебно добро игра на домашен терен, а има одличен стратег на кормилото. Но, Работнички е подготвен и верувам дека ќе одиграме добар меч, дека ќе успееме да ја оствариме нашата цел. Имаме одредени проблеми со тимот, има повредени фудбалери, но верувам дека фудбалерите кои ќе добијат шанса ќе ја искористат на најдобар начин“, истакнува шефот на стручниот штаб, Виктор Треневски.