Екипата на Металург ја оправда фаворитската улога во пресметката со премногу внимателната екипа на Силекс која повеќе внимавеше на својот гол отколку на нападот и тоа им се освети особено во вториот дел.
Во првиот, Металург ја имаше иницијативата но гостите одлично ги затворија сите приоди кон сопствениот гол стрпливо чекајќи прилика да го изненадат домашниот голман Ефремов.
Металург ја играше својата карактеристична игра обидувајќи се да се пробие по бочните позиции и со нафрлувања да дојде до шанса. Во една таква ситуација топката влета на 5-те метри но за малку задоцни Мазнов. Уште поубава беше шансата на Марков кога одлично беше проигран и од само неколку метри лошо бие крај голот.
Во вториот дел стратегот на „металурзите" Срѓан Захариевски го засили нападот со младиот Чурлинов и тоа донесе резултат.
Се играше 49-тата минута кога Аломеровиќ украде една топка од силексовите дефанзивци на левата страна , убаво нафрли и Чурлинов бие прецизно за водство од 1-0.
Вториот гол беше дело на искусниот Мазнов кој во празно го проигра Стевановиќ а овој одлично се снајде за 2-0.
И при акцијата за третиот гол учествуваше Мазнов, Стевановиќ влета бие но Божиновски ја одби топката до Чурлинов на кого не му беше тешко да го постигне својот втор гол на оваа средба со што Металург се искачи на првото место на прволигашката табела.
МЕТАЛУРГ: Ефремов, Љамчевски, Стевановиќ, Далчески, Ѓорѓиевски, Игнатов, Драговиќ, Аломеровиќ, Пеев, Мазнов, Митревски. Играа уште Чурлинов, Шишков и Крстев. Тренер: Срѓан Захариевски.
СИЛЕКС: Божиновски, Кариќ, Павловиќ, Стаменковиќ, Рајда, Велинов, Лампевски, Мијатовиќ, Кочоски, Марков и Ѓорѓевиќ. Тренер: Небојша Петровиќ. www.sportefe.com.mk