Фудбалскиот клуб Силекс направи крупен исчекор кон Првата лига, откако денес на тешкото гостување кај директниот конкурент Миравци славеше со убедливи 0-4. Овој меч требаше да се одигра пред два дена, но поради поплавениот терен беше одложен за денес. Силекс поведе во првото полувреме со голот на Николчо Ѓорѓиев, а истиот играч на почетокот од вториот дел го зголеми водството. На 0-3 зголеми Саше Лазаревски, а конечните 0-4 ги постави Ѓорѓи Заревски. Во составот на кратовци 90 минути одигра Ангел Тимовски, кој полека се наметнува како првотимец во тимот.
-Одигравме перфектен меч и освоивме големи три бода на ова тешко гостување. Сега патот кон елитата е трасиран, но не смееме да се опуштиме, туку да продолжиме со победи. Одиграв одличен меч, комплетно го неутрализирав нивниот најдобар играч Мижоров - истакна Тимовски. Силекс настапи со Симов, Тимовски, Лазаревски, Јанев, Петров, Мандак, Коцев, Велинов, Николов, Пановски, Ѓорѓиев. Од клупата влегоа Магловски, Заревски и Мариќ.
Силекс останува лидер на табелата со 37 бодови, пред Тетекс со 36 и Миравци со 30 бодови.
Во другите два меча денеска, Локомотива загуби дома од Тетекс со 0-2, а Победа и Скопје ремизираа 0-0.