Оние што го следат македонскиот фудбал, сигурно забележале два интересни факти кога се во прашање мечевите меѓу Силекс и Вардар. Последниве неколку години, Вардар задолжително гостува на Велигден во Кратово, и види коинциденција, денес кратовската публика повторно ќе ужива во мајсториите на составот на Седлоски. И вториот момент е што „црвено-црните“ прославата на титулите ја имаат на мечевите против кратовци. Имајќи предвид дека Вардар има предност од 11 бодови пред Шкендија, а во последното коло игра со Силекс, ете уште едно шампионско славје токму на меч со Силекс.
Толку околу куриозитетите, она што е побитно во овој момент е денешното дерби на вечните ривали (сабота, 16 ч.). Кратовци влегуваат оптимистички во мечот, иако имаат неколку повредени играчи. Но, од друга страна го имаат извонредниот Милан Митровиќ на голот, кој со душа го чека денешниот меч и пресметката со Фелипе, Бажевски, Спировски, Балотели и останатите стрелци во Вардар.
-Доаѓа Велигден, во Кратово доаѓа велика (голема) екипа, ама тука е Велики Силекс за да ги поремети великите планови на великиот гостин.
Шегата на страна, денес е стварно голем ден затоа што ни гостува шампионот Вардар. Тоа значи празник на фудбалот и се надевам полни трибини. Вардар е лидер на табелата и квалитетен тим, а тоа значи дека ќе влеземе со респект кон противникот. Од друга страна, и ние си имаме свои планови, а тоа значи ќе дадеме се од себе за да оствариме поволен резултат за нас. Ја повикувам кратовската публика да го наполни стадионот, да ни биде дванаесетти играч и заедно да славиме на овој празник на фудбалот - ни изјави Милан Митровиќ, повратникот на голот на Силекс.