НОВИ трансфери во мак-фудбал (лето 2011)
Ѓоко Хаџиевски формира македонска колонија на Блискиот Исток
Саудискиот Наџран станува македонски клуб
Поранешниот селектор на македонската фудбалска репрезентација, Ѓоко Хаџиевски, нема ниту една причина да се чувствува како странец во својот нов клуб Наџран. Со него во Саудиска Арабија замина цел контингент Mакедонци, а нови би можеле наскоро да се приклучат.
-Токму така, во еден од најубавите градови на Арабискиот полуостров нема да бидам осамен, затоа што со мене во пакет дојдоа Ванчо Балевски како мој прв помошник и кондицискиот тренер Златко Јанакиевски, а наскоро очекувам да ни се приклучи и Александар Васоски, со кого преговорите се при крај. Целта ни е од Наџран да изградиме тим кој ќе се најде во врвот на саудискиот фудбал, затоа што последниве години постојано се бори за опстанок. За мене ангажманот во саудискиот фудбал ќе биде голем предизвик, затоа што овде работат врвни тренерски имиња. Летово селектор на Саудиска Арабија стана Франк Рајкард, потоа славни имиња како Мишел Прудон, Ерик Геретс, Валтер Зенга и Милован Рајевац седат или седеле минатата сезона на клупата на најбогатите клубови. Имам идеални услови за работа, имаме едни од најбучните навивачки групи, а дознав дека градот и клубот Наџран биле омилени на еден од синовите на саудискиот крал – ги искажа првите впечатоци Хаџиевски.
Хаџиевски изрази жалење што не успеа да седне по вторпат во селекторската фотеља, но се надева дека во иднина ќе добие втора шанса да го стори тоа.
-Имав желба да застанам по вторпат на чело на репрезентацијата, мислам дека и од раководството на ФФМ го посакуваа истото. Главната причина поради која не дојде до такво нешто е лошиот тајминг. Јас веќе една недела имав отворена понуда од Наџран, а во ФФМ се пријавија многу кандидати. Не сакав да ризикувам и се одлучив да ја прифатам поканата од саудијците. Се надевам дека еден ден повторно ќе ја водам репрезентацијата, бидејќи сеуште не сум го кажал последниот збор во македонскиот фудбал - истакна Хаџиевски. О.Арсовски
Брегалница со деветто засилување
Баснарков замена за Колев
Со вкупно девет засилувања заврши летниот преоден рок за штипскиот прволигаш Брегалница. Последната аквизиција пристигна од редовите на скопски Металург, а тоа е голманот Петар Баснарков (31). Претходно штипјани ги ангажираа Ивица Глигоровски, Сашо Лазаревски, Ефтим Аксентиев, Томе Јанев, Дарко Стојанов, а пристигнаа и српските интернационалци Вучетиќ, Хабенсус и Ивановиќ. За сметка на нив, клубот го напуштија Томислав Блажевски, Немања Брадоњиќ, Љупчо Колев, Лазар Илиев, Тоше Мирославов, Дени Велинов и Мики Илиев, а се пензионираше ветеранот Зоран Поп-Панев.
Штипјани одиграа пет пријателски средби летово, притоа го совладаа Осогово, ремизираа со Силекс и Хоризонт, а загубија од бугарскиот Мињор и Хоризонт. (О.А.)
Блискиот Исток се попривлечен
Златковски на печалба во Иран
Напаѓачот Зоран Златковски (24) раскина со новиот бугарски прволигаш Лудогорец и кариерата ја продолжува во Иран. Тој завчера потпиша двегодишен договор со иранскиот прволигаш Малаван од градот Бандар Анжали.
-На покана од клубот заминав на проба во Иран и што се вели директно од авион влегов на терен. Одиграв пробен меч на кој постигнав гол и веднаш по средбата ми понудија договор на две години. Не размислував многу, затоа што во Малаван ќе заработувам далеку повеќе отколку во бугарските клубови. Минатата сезона клубот завршил на осмата позиција, а играл и во финалето на иранскиот куп – истакна Златковски.
Тој е роден во Македонска Каменица, а кариерата ја градеше во соседна Бугарија. Таму настапувал во клубовите Пирин, Локо Пловдив, Славија, Вихрен и Лудогорец. (О.А.)
Останува во Чешка, но во нов клуб
Несторовски позајмен на Викторија Жижков
Поранешниот напаѓач на прилепска Победа, Илија Несторовски (21), и понатаму продолжува со настапи во чешкото првенство, но во нов клуб. Тој викендов потпиша договор со новиот прволигаш Викторија Жижков од Прага, но останува во сопственост на клубот Словачко.
-Следната сезона ќе настапувам во Викторија како позајмен играч, бидејќи Словачко не сакаше целосно да се откаже од моите услуги. Мене ми беше потребна нова средина во која ќе имам поголема минутажа и поголеми шанси да ги покажам голгетерските способности. Тренерот на Викторија ги знае моите квалитети од порано и ми вети дека ќе бидам во прв план, што беше пресудно да се преселам во Прага – вели Несторовски.
Младиот прилепчанец помина година и половина во дресот на Словачко, притоа настапи на 28 средби и постигна 2 гола. (О.А.)
Србија се поатрактивна за нашите фудбалери
Ѓурѓевиќ во Спартак, Мојсов во Металац
Талентираниот напаѓач на Вардар, Фахрудин Ѓурѓевиќ, кариерата ја продолжува во редовите на српскиот прволигаш Спартак од Суботица. Неговото име во минатото се врзуваше за големи европски клубови како ПСЖ, Ленс и Малме, но сепак членот на фудбалската репрезентација до 19 години одлучи кариерата да ја гради чекор по чекор.
-За млад фудбалер како мене подобра опција е да играм и да се развивам во клуб како Спартак, отколку директно да заминам во голем европски клуб. Во клубот од Суботица останувам четири години, во моментов се чека сертификатот да пристигне од Скопје и трансферот да се официјализира – ни рече популарниот Фако.
По неговите стапки тргна и постариот брат на репрезентативецот Даниел Мојсов, Ѓорѓи, кој завчера потпиша договор со прволигашот Металац од Горњи Милановац. Доколку летово Даниел не реализира трансфер во Динамо Москва, наскоро ќе гледаме "братска пресметка" во српското првенство. (О.А.)
Силекс го комплетира тимот
Кратовци со три нови засилувања
КРАТОВО. -Српскиот дефанзивец Борислав Бајиќ и македонските напаѓачи Аце Стојановски и Ѓорѓи Марков се последните засилувања на Силекс во тукушто завршениот преоден рок. Бајиќ доаѓа од српскиот третолигаш Темерин, Марков е довчерашен играч на Беласица, додека Стојановски пристигна од второлигашот Охрид Лоте, а претходно играше за хрватска Цибалија. Нешто порано кратовци ги ангажираа србинот Милан Јовановиќ и Јован Шаврески од Влазними, а пропадна трансферот на Немања Иванов поради проблем со регистрацијата. Клубот досега го напуштија стоперот Александар Алексовски, кој се пресели во Охрид 2004, и Милан Николиќ, кој се врати во Србија.
Летово Силекс одигра седум контролни средби, на кои забележа четири победи, две ремија и еден пораз. За утре е закажана генералната проверка со локомотива во Скопје. (О.А.)
И во шестиот клуб дебито зачинето со погодок
Стевица Ристиќ претплатен за рекорди
Стевица Ристиќ, напаѓачот претплатен за голови во деби-настапите за своите клубови, традицијата ја продолжи и во дресот на корејскиот Сувон Блувингс. Откако пред една недела дебитираше со погодок, викендов и во вториот настап стрелаше прецизно за минимална победа против Инчон.
-Останав верен на традицијата, еве и во шестиот клуб во кој се преселив, постигнувам гол во премиерниот настап. Така беше пред осум години во дресот на Силекс, продолжив во корејските Чонбук и Поханг, не прекинав ниту во Бунјодкор и Амкар, и еве ми се повторува истото во Сувон. Ако на ова додадам дека постигнав погодок и на дебото за фудбалската репрезентација против Албанија, тогаш веројатно сум кандидат и за Гинисовата книга на рекорди. И да не заборавам дека пред четири години во дресот на Чонбук го постигнав најбрзиот погодок во историјата на К-лигата, во 30-тата секунда против Гвангжу – вели голгетерот.
Популарниот Риле има постигнато и пет погодоци на еден меч во дресот на Силекс, но овој рекорд го дели уште со Зоран Бошковски, Саша Ќириќ, Ванчо Мицевски и Александар Толески. (О.А.)
Го промени клубот, но не и градот
Мециновиќ се сели од Шериф во Тираспол
Младинскиот фудбалски репрезентативец Јасмин Мециновиќ по шест месеци поминати во молдавскиот вицепрвак Шериф, од завчера се пресели во градскиот ривал Тираспол. Тој заминува како позајмен играч, а договорот е потпишан на половина година.
-Иако бев на чекор до трансфер во словачкиот шампион Жилина, ситуацијата се искомплицира кога раководството на Шериф побара 200.000 евра отштета од Словаците. Откако се вратив од пробата во Жилина, се договорив до јануари да настапувам во градскиот ривал Тираспол, каде газда е братот на сопственикот на Шериф – вели Мециновиќ.
Тој во пролетната полусезона настапи на девет од седумнаесет средби во дресот на Шериф. Минатата зима направи спектакуларен трансфер од Скопје во Шериф за близу 500.000 долари. (О.А.)
Штипјани со осум нови фудбалери
Свежа крв во Брегалница
КРАТОВО. -Србите Горан Хабенсус (стопер), Марко Вучетиќ (среден ред) и Александар Ивановиќ (напаѓач), како и домашните фудбалери Саше Лазаревски, Ивица Глигоровски, Ефтим Аксентиев, Дарко Стојанов и Томе Јанев, се новите летни засилувања на штипскиот прволигаш Брегалница. Покрај нив, многу блиску до потпис е повратникот од Шведска, Горан Здравков, а речиси сигурно е останувањето на Мартин Шишков, кој беше на проба во странство.
-Мислам дека направивме одлична селекција на играчи и тука некаде завршуваме со активности на трансфер пазарот. Задоволен сум од залагањето на играчите и нивниот квалитет, и се надевам дека од Брегалница ќе направам респектабилен прволигашки клуб – ни рече новиот тренер на Брегалница, бугаринот Никола Спасов.
Завчера во Кратово контролен меч одиграа соседите Силекс и Брегалница, а средбата заврши без голови. Брегалница веќе в сабота ја очекува контрола со Хоризонт Турново, а Силекс ќе ги одмери силите со Македонија ЃП. (О.А.)
Репрезентативецот се врати во Јужна Кореја
Стевица Ристиќ потпиша за Сувон
Напаѓачот на македонската фудбалска репрезентација Стевица Ристиќ се врати во Јужна Кореја. Тој завчера потпиша двегодишен договор со корејскиот клуб Сувон Блувингс.
-Потпишав за Сувон за да му помогнам во биотката на четири фронта. првенството заостануваме дванаест бода, но тоа не значи ништо, бидејќи на крајот следува плеј-оф. Имам амбиција повторно да ја освојам азиската ЛШ. задоволен сум од висионата на трансферот, бидејќи ќе заработувам двојно повеќе отколку во Амкар – ни рече Ристиќ.
За него ова ќе биде камбек во корејското првенство, откако пред четири и пол години од Силекс се пресели во Чонбук, а една година подоцна направи спектакуларен трансфер во корејскиот првак Поханг, со кој подоцна ја освои азиската Лига на шампиони. Со преселбата во Јужна Кореја му се отвара можност за повторување на овој успех, затоа што неговиот Сувон стигна до четвртфиналето на азиската ЛШ. Во септември Ристиќ и соиграчите ги очекува дуел со иранскиот Зоб Ахан, тим кој му остана во лошо сеќавање на нашиот интернационалец по ланската елиминација на узбекистанскиот првак Бунјодкор. Последните дванаесет месеци Ристиќ ги мина во дресот на рускиот прволигаш Амкар од Перм, каде настапи на 23 средби и постигна шест погодоци. (О.А.)
Уште еден Македонец во Молдавија
Аломеровиќ ја засили Дачија
Искусниот играч за врска Кемал Аломеровиќ успешно ја помина пробата во молдавскиот шампион Дачија и вчера потпиша тригодишен договор. Тој ќе биде вториот Македонец во редовите на новиот молдавски првак, откако пред шест месеци таму замина Горан Димовски.
-Делумно заслужен за трансферот на Аломеровиќ во Дачија сум и јас. Молдавците имаат високо мислење за македонските фудбалери, па затоа ангажираа и втор играч од нашата земја. Иако настапував само во пролетниот дел за мојот клуб, ме прогласија за најдобар играч во тимот и ме избраа во најдобриот тим на молдавското првенство, за што бев награден од сопственикот на клубот со најнов модел на БМВ 5. Бидејќи веќе имам солиден автомобил, побарав наместо автомобил да добијам пари – вели Димовски, кој е среќен што се зголемува македонската колонија во Молдавија. (О.А.)
Сараевчани се засилија со двајца Македонци
Османи и Блажевски потпишаа за Олимпик
Амбициозниот босански прволигаш Олимпик од Сараево вчера потпиша договори со двајца македонски фудбалери. Искусниот Минас Османи (26), потпиша на две години, додека стоперот на штипска Брегалница, Томислав Блажевски (21), парафираше тригодишен договор.
-Имав многу понуди од Македонија и странство, но по сугестија на мојот менаџер го одбрав најмладиот сараевски прволигаш. Лани Олимпик заврши на шестата позиција во првенството, а за оваа година се најавува борба за излез на евросцената. Финансиски одлично минав, тука заработката е најмалку трипати повисока отколку во подобрите македонски клубови - ни изјави Минас Османи, кој во минатото настапувал за Работнички, Вардар, Беса Каваја, а последните шест месеци ги мина во Тиквеш.
Блажевски е член на младата фудбалска репрезентација, за која има осум настапи, а во минатото го носел дресот на штипска Брегалница. (О.А.)
Силекс се ослободува од вишокот
Николиќ и Алексовски си заминаа
КРАТОВО. -Фудбалскиот погон на прволигашот Силекс ги започна подготовките за новата сезона. Прозивката на тренерот Ане Андовски мина без поголеми турбуленции, затоа што тимот од Кратово летово нема да претрпи скоро никакви промени. Сите играчи се врзани со договор, единствено играчот за врска Милан Николиќ и дефанзивецот Александар Алексовски си ги подигнаа документите и предвреме си заминаа. Николиќ ќе остане запаметен како стрелец на 1000-от прволигашки гол за кратовци, а Алексовски беше единствениот играч од ростерот кој настапуваше за некоја од репрезентативните селекции.
Инаку, изминативе неколку денови на теренот во Кратово продефилираа десеттина потенцијални засилувања, претежно од Србија, но засега раководството на кратовци нема намера да склучи договор со некој од нив. (О.А.)
Првакот на Србија купи пионери од Македонија
Суперталенти од "Истатов" потпишаа за Партизан
Фудбалски таленти Тихомир Костадинов и Лазе Стојковски, членови на младинската школа "Истатов" од Нов Дојран, потпишаа стипендиски договори со белградски Партизан. Нивниот ангажман е дел од соработката која младинската школа "Истатов" неодамна ја договори со првакот на Србија.
-Горди сме што нашата квалитетна работа ја заокруживме со двојна круна во домашното првенство во пионерска конкуренција. Како награда за вложениот труд, две талентирани момчиња од нашата пионерска школа веќе се членови на Партизан, а во завршни преговори сме со холандскиот Ајакс за стипендиски договор со уште еден наш фудбалер - изјави менаџерот Боро Истатов. (О.А.)
Официјализиран милионскиот трансфер на младиот голман
Дејан Стојановиќ потпиша за Болоња
Спектакуларен трансфер вреден над еден милион евра завчера направи голманот на македонската млада репрезентација Дејан Стојановиќ (18). Долгите преговори кои се водеа на релација Болоња - Луштенау, резултираа со потпишување на четиригодишен договор на суперталентираниот голман со раководството на калчолигашот Болоња.
-Се беше познато неколку дена порано, остана само да ги завршам медицинските тестови. Откако и таа формалност заврши, со гордост можам да кажам дека сум член на седумкратниот италијански првак Болоња. Конкуренција на голот ќе ми биде голманот на италијанската репрезентација Емилијано Вивијано, па затоа во првата година или ќе бидам втор голман, или поради мојата младост и неискуство ќе бидам прв голман на младинскиот тим – ни рече веднаш по потпишувањето младиот чувар на мрежата, чии родители потекнуваат од Куманово, а живеат во Австрија.
Иако италијанските медиуми соопштија дека Дејан Стојановиќ се двоуми за која репрезентација ќе брани во иднина, неговиот татко Ацо има јасен став околу ова прашање.
-Деки е решен во иднина да ги брани боите на сениорската репрезентација на Македонија, и тука нема никакви дилеми. Болоња му понуди одлични услови во најскоро време да биде втор голман во сениорскиот тим, и од тие причини ја одбивме финансиски побогатата понуда на Парма. Трансферот е вреден нешто повеѓе од милион евра – изјави таткото Ацо, фудбалски менаџер и поранешен играч на Вардар и Куманово. (О.А.)
Останува во Словенија, но во нов клуб
Агим Ибраими 3 години во Марибор
Словенечкиот првак Марибор е новата фудбалска дестинација за повремениот македонски репрезентативец Агим Ибраими (23). Тој викендов потпиша тригодишен договор со деветкратниот првак на Словенија, на чија клупа седи поранешниот играч на Партизан, Дарко Миланиќ. Ибраими последните шест месеци ги мина во дресот на Нафта Лендава, а неговите игри беа мамка за трофејниот Марибор да го доведе во своите редови. Претходно беше играч на турскиот Ескишехир, Олимпија Љубљана, Салцбург и тетовска Шкендија. Има и четири настапи за репрезентацијата, а дебитираше на пријателскиот меч против Шпанија. (О.А.)
Десниот бек се сели во Франција
Владе Лазаревски потпиша за Амиен
Повремениот фудбалски репрезентативец Владе Лазаревски кариерата ја продолжува во француската втора лига. Тој изминатите три недели ги мина на проба во новиот француски второлигаш Амиен, по што раководството на клубот му понуди договор.
-Следниве две години ќе бидам дел од амбициозниот француски второлигаш, со опција договорот да биде продолжен на плус една. Амиен има амбиција за две години да влезе во елитата. Затоа им требаа искусни, зрели фудбалери кои ќе им помогнат на младите играчи да ја реализираат оваа амбиција. Очекувам наесен да се вратам во старата препознатлива форма и повторно да добијам повик во фудбалската репрезентација - ги изнесе првите впечатоци Лазаревски.
Десниот бек има 41 настап за репрезентацијата, но во последниот квалификациски циклус речиси и да не доби шанса од селекторот Мирсад Јонуз. Врвот во кариерата го достигна во дресот на полските клубови Гроцлин и Полонија Варшава, а имаше и неславни епизоди во Ријека и Локомотив Астана. (О.А.)