Наташа Илиевска и македонската карате репрезентација денеска заминаа за Тенерифе, Шпанија, каде во деновите што следат ќе се одржува европското првенство. Македонија во Тенерифе ќе ја претставуваат вкупно 11 каратист(к)и од кои девет во машка конкуренција, додека во женска конкуренција наши две претставнички ќе бидат Мери Андова во категоријата до 50 килограми, и Наташа Илиевска која ќе ја брани европската титула во категоријата до 55 килограми освоена минатата година во Цирих, Швајцарија.
„Знам дека се соочувам со сериозен предизвик да се одбрани минатогодишната титула. Факт е дека секогаш е потешко да се одбрани отколку да се освои шампионска круна, но одлично сум подготвена и верувам дека повторно може да донесам голем успех за македонскиот спорт. Добро ги познавам сите мои противнички и покрај тоа што сега за нив јас како европски првак сум посебен мотив“ – истакна пред заминувањето за Шпанија најдобрата македонска каратистка, Наташа Илиевска.