Српскиот стратег Небојша Петровиќ е именуван за нов шеф на стручниот штаб на кратовски Силекс, по оставката на досегашниот тренер Љубодраг Милошевиќ.
Петровиќ всушност се враќа на кормилото на кратовци кое го предводеше во период од 2007 до 2009 година, а во неговата тренерска кариера претходно бил уште и на клупата на прилепска Победа. Србинот се договори на соработка со Силекс до крајот на сезонава во која го очекува повеќе од тешка задача во битката за опстанок.
Поранешниот наш репрезентативец, Љубо Милошевиќ, пак, претходно се одлучи да поднесе оставка од позицијата шеф на стручен штаб како морален чин по катастрофално лошите резултати на тимот на стартот од сезоната. Од осум првенствени кола Силекс освои само четири бода, единствено подобар од Тетекс кој е на последното место на првенствената табела.
Смената на клупата на Силекс е само уште една од низата тренерски промени во дури шест домашните прволигаши уште од самиот старт на сезоната. Непосредно пред почетокот на првенството Боби Милевски го замени на клупата на Вардар, актуелниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски. Влатко Костов се повлече од тимот на Ренова на чие место дојде Ќатип Османи, кого пак по отказот во Шкендија го замени Артим Шаќири. Драги Сетинов пред само десет дена даде отказ во Тетекс, на чие место пристигна Ѓорѓи Тодоровски – Џони. Промена имаше и на клупата на Дрита, каде на местото на Јетон Беќири пред две кола седна Ане Андовски.