Вистинските јунаци се познаваат кога се на мака, вели една македонска поговорка. Токму утрешниот меч меѓу Пелистер и Силекс, кој се игра со почеток од 16 часот на неутрален терен во Охрид, ќе покаже дали фудбалерите на Силекс се зрели втора година по ред да изборат пласман на позиција која води во Лига Европа, или тоа ќе го препуштат на составот од Битола. „Зелените“ се во голема резултатска криза, имаат три порази по ред, додека формата на кратовци оди во нагорна линија и ветува бодови од тешкото гостување во Охрид. Четата на Жикица Тасевски денеска отпатува за Охрид, кде вечерва ќе преспие и утре свежа и одморена ќе брка бодови.
Додека Силекс брка бодови, некој друг ќе брка голови. Српскиот интернационалец Игор Недељковиќ е во извонредна голгетерска серија, пролетва стрелаше на сите мечеви, освен на дуелот со Работнички, и се наоѓа на втората позиција со 12 голови, веднаш зад Бесарт Ибраими. Но, статистиката вели дека Недељковиќ ги решеташе мрежите на сите противници, освен мрежата на Пелистер. Боде очи тоа што Силекс одигра четири меча сезонава против битолскиот прволигаш, два во првенството и два во Купот, а Недељковиќ, види чудо, ниту еднаш не успеа да ја затресе мрежата на Пашовски.-Што се однесува до оваа негативна традиција, немам ништо против таа да продолжи, но само под еден услов, да ги освоиме трите бода во Охрид. Нема дилеми, не очекува тежок меч против противник кој создаде извонредно квалитетна екипа и е еден од главните претенденти за излез во Европа. Ние си имаме свои планови, нам секој бод ни е е вреден во битката за позиции кои водат кон Лига Европа. Оваа пресметка ќе доближи еден од двата тима до Европа. Имаме многу згуснат распоред во периодот што следи, но имаме квалитетен ростер кој може да го изнесе тоа на грб. Утре ќе треба да внимаваме на напаѓачкиот тандем Лукас - Илијоски, кој може да ни направи многу проблеми - истакна машината за голови Недељковиќ.
Главен судија на мечот ќе биде охриѓанецот Марјан Маркоски.
Што се однесува до букмејкерите, тие очигледно ги утнале коефициентите, веројатно претпоставиле дека Пелистер ќе биде домаќин во Битола а не во Охрид. Квотата за победа на Пелистер е само 1.55, за реми 3.10, а гостинска победа е вреднувана со квота 5.60.
Недељковиќ: Охридската пресметка ќе го доближи Силекс или Пелистер до Европа
Најново
![]() | Денеска | 1033 |
![]() | Вчера | 3446 |
![]() | Оваа недела | 1033 |
![]() | Минатата недела | 34620 |
![]() | Овој месец | 26923 |
![]() | Минатиот месец | 133267 |
![]() | Вкупно | 20944932 |