gogo

A+ R A-


Некој „ловел во матно“, но дали Силекс или Дрита?

пишува - Оливер Арсовски

Ударната вест во спортските рубрики на македонските интернет портали е „наводната местенка“ на фудбалската средба одиграна викендов во Кратово меѓу Силекс и Дрита (4-0). Порталите „намирисале“ местенка врз основа на видео-хајлајтс на кој се прикажани головите и неколку шанси, но без да се види мечот во живо. Без намера да бидам нечиј адвокат, но од позиција на сведок кој во живо го следел мечот, редно е да го изнесам својот став за регуларноста на мечот.

altОна што беше воочливо е дека мечот беше апсолутно регуларен во првите 45 минути. По голема борба, Силекс регуларно поведе со 1-0 во 24-тата минута, на огромна и нескриена радост на фудбалерите и стручниот штаб. Битката за бодови што значат опстанок продолжи и во вториот дел се до вториот погодок на Силекс во 54-та минута, кога веќе се наѕираше кој ќе ги освои бодовите. Е кога веќе некој остана со празни раце, барем да не остане со празни џебови. Од тој миг во продолжение на мечот гледавме една „циркузантска“ Дрита, без концепт во играта, со пет напаѓачи, а речиси без одбрана. И домашните фудбалери се чудеа како лесно доаѓаа до стопроцентни прилики, а тоа што Велинов, Лампевски и Павловиќ не умееја да постигнат погодоци пред 80-тата минута, ги натера гостите на „лоша глума“ во последните 5 минути за да се стигне до квотата од 4 погодоци. Она што го тврдам по мое слободно уверување е дека Силекс нема вмешано прсти во „штелувањето“ на резултатот, и тоа од две причини. Првата е дека на клубот му гори под нозе и дека бодовите му требаа како „вода во пустина“, и второ, Силекс е богат клуб на кој не му значи ништо евентуална добивка од 10 или 15 илјади евра во некоја азиска обложувалница. И во крајна линија, нема гаранција дека мечот бил наместен, имајќи предвид каков квалитет имаат македонските клубови, можеби толку знаат да играат фудбал...

П.С. Јавна тајна е дека во земјава многу мечеви се наместени, и тоа многу често без знаење на противникот. Значи, тимот кој одлучил да „штелува“, без знаење на противникот ќе му дозволи да постигне 5 погодоци, или пак ќе пушти голови за мечот да заврши „2у2“, без притоа да се договара со ривалот. И по мечот вообичаено и двата тима се радуваат, едниот што неочекувано лесно победил, а поразениот што лапнал добивка.

 

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.