Дали почнаа да дуваат некои нови ветришта во фудбалскиот прволигаш Силекс??? Тимот кој во есенскиот дел од прволигашкото првенство одигра катастрофално слабо и го забележа најлошиот пласман во последните 20 години, деновиве гази се пред себе. Зимската „преродба“ започна со реми во Ѓорче (2-2), следуваше триумф во Кочани над Осогово од 3-0, па две победи во Охрид над второлигашите Корзо и 11 Октомври. Последната жртва на „реновираниот“ Силекс е прволигашот Напредок, кој денес беше совладан со 2-0. Со головите на Николче Ѓоргиев во првиот дел кратовчани славеа победа.


- Влегуваме во позитивна серија од добри резултати. На мечот против Напредок видов доста добри работи и ако вака продолжиме да играме понатаму опстанокот во Првата лига нема да биде доведен под знак прашалник - истакна Небошја Петровиќ тренерот на Силекс.

Силекс на овој дуел настапи во следниот состав: Божиновски, Лампески, Мијатовиќ, Ѓорѓевиќ, Петров, Рајда, Павловиќ, Стаменковиќ, Коњарски, Марков и Ѓоргиев. Во вториот дел играа уште и Велинов, Стојановски, Савановиќ, Кариќ, Николиќ и Насевски.
Силекс наредниот контролен натпревар го игра во вторник против екипата на БСК Борча.