пишува - Оливер Арсовски
Напаѓачот на скопски Работнички Генц Исени, веројатно, постави нов рекорд во македонското фудбалско првенство со четири погодоци за тринаесет минути. Косовецот првиот погодок го реализираше во 56 мин., а четвртиот во 69 мин. Во изминатите дваесет шампионати имало и поефикасни играчи од него, како Зоран Бошковски, Саша Ќириќ, Ванчо Мицевски, Стевица Ристиќ, Александар Толески кои постигнувале и по пет погодоци на еден првенствен натпревар, но ниту еден нема постигнато толку многу голови во толку куса временска рамка. Слично остварување како Исени има и Христијан Кировски во дресот на Скопје, реализирајќи четири погодоци против Пелистер, но во интервал од 40 минути.
Далеку поневеројатни рекорди постојат во натпреварите од македонскиот Куп, каде апсолутен рекордер е Бугаринот Марио Петков, кој во дресот на Вардар пред девет години му даде дури осум погодоци на Пролетер во победата од 16-1. Сепак, најефикасен играч во најкус временски интервал во аналите на македонскиот фудбал е Марко Симоновски, кој во дресот на Металург постигна дури пет погодоци за 15 минути на Куп-дуелот со Преспа.