пишува - Оливер Арсовски
По долги девет години, шампионскиот трофеј се враќа во клупските витрини на скопски Вардар. Дилеми нема, со демонстрираната игра во Кратово "црвено-црните" докажаа дека се убедливо најдобриот состав во македонската лига и дека титулата освоена без ниту една дамка ќе се надоврзе на претходно освоените пет титули.
Завршниот удар "вардарци" го зададоа на незгодниот терен во Кратово, на теренот на некогаш најголемиот душман Силекс, и тоа најмногу по заслуга на расниот стрелец Филип Ивановски. Популарниот Фичо двапати искористи отпадоци во шеснаесетникот на домаќините, двапати беше најприсебен во миговите кога неговите чувари грешеа и двапати на речиси идентичен начин ја тресеше мрежата на Силекс. Првиот пат во 22 минута, а вториот на четири минути пред крајот на првото полувреме. Во меѓувреме, Силекс успеа да израмни преку робусниот Несторовиќ во 32-та минута, но тоа беше се што сторија домашните фудбалери.
Исклучувањето на Божиновски ги пресече кратовци
Клучниот момент на средбата се случи во 37-та минута, кога сосема оправдано беше исклучен голманот на кратовци Даниел Божиновски. Во тие мигови домашните фудбалери беа во силен налет, осоколени по израмнувачкиот гол на Несторовиќ. И тогаш се случи брз контранапад на вардарци, киксираше Миневски, а Костовски имаше отворен пат кон домашниот гол. И кога рутински го мина Божиновски, овој очајнички го сруши на дваесеттина метри од голот и го остави својот тим на цедило. Неговата замена Христијан Митковски, иако нема речиси никакво прволигашко искуство, имаше одлични одбрани во остатокот на мечот.
Комитите ги соблекоа "вардарци" по гаќи
Група од околу 200 припадници на навивачката група "Комити" беа огромна поддршка за тимот на Вардар. Деведесет минути грмеше на трибините, со песна се чекаше последниот судиски свиреж и прославата на титулата. И кога конечно се случи тоа, експресно сите се најдоа на зелениот терен, а таму "настрадаа" поголем дел од вардаровите фудбалери, кои мораа да ја соблечат целата опрема на себе и по гаќи да заминат на туширање. На големи маки се најде црномурестиот Огбона, кој цели 5-6 минути се бореше со навивачите, но не дозволи да биде соблечен. Останува дилемата што сакаше да сокрие...
Тошак и Бабунски си заминаа на полувреме
Навистина чуден "скаутинг" на селекторскиот двоец Џон Тошак и Бобан Бабунски. Ирецот пристигна некаде на половина од првиот дел, таман на време да го види најубавиот дел од средбата и трите гола. И на општо изненадување, си стана на полувреме и си замина. Дали со тоа сакаше да каже дека нема што да види на теренот, или пак причината беше тоа што беше дојден на маичка, а времето во Кратово беше изненадувачки ладно и дуваше силен северен ветер кој го натера да замине.