Глигор Глигоров потпиша за Бањик
По цели осум месеци надвор од зелените терени, транфер-сагата на фудбалерот Глигор Глигоров, конечно заврши. Злетовецот својот последен официјален меч го одигра уште во мај, а оттогаш мака мачеше да пронајде интернационален ангажман. Од вчера тој е нов играч на чешкиот прволигаш Бањик Острава.
-Конечно можам и јас да здивнам. Од вчера сум нов играч на чешкиот Бањик. Интересно е што раководството на прволигашот од Острава потпиша договор со мене на невидено, без да ме проба барем на еден тренинг. Договорот е на шест месеци, сосема доволно да покажам што знаам. Потоа Чесите ми ветија нов двегодишен договор, доколку ги задоволам нивните вкусови – ни се пофали пресреќниот Глигоров.
Злетовецот кој најдобро се снаоѓа на левата страна од теренот, досегашниот дел од кариерата ја мина во Силекс, каде забележа 112 настапи и 14 погодоци. Бањик ќе му биде втор клупски предизвик, а прв надвор од границите на земјава. (О.А.)