Мандак го нападна судијата Ставрев
пишува - Оливер Арсовски
Требаше да биде фудбалски празник, а заврши како фудбалска бламажа. Локалното дерби на Истокот помеѓу Силекс и Брегалница не го доживеа својот крај, бидејќи при резултат 1-0, главниот судија Александар Ставрев го прекина натпреварот и предвреме ги испрати актерите на теренот под туш. До таа кобна 77-ма минута, на теренот се играше фер-плеј, а кратовци преку Борјан Стојановски имаа водство од 26-тата минута. Моментот кој ја зовре атмосферата на зелениот терен се случи во 75-тата минута, кога при соло-продор на работ од шеснаесетникот на домашните, дојде до контакт на Елмир Мандак и Никола Мишовски. Капитенот на штипјани падна, но арбитарот Ставрев дозволи играта да продолжи. Револтираниот Мандак неспортски реагираше и за невкусниот приговор доби жолт картон од главниот судија. Тоа како дополнително да го исфрустрира капитенот на гостите, па продолжи да го понижува главниот судија. Во тој момент, Ставрев без многу размислување му покажа црвен картон. Тоа ја прелеа чашата кај штипјани, па група од неколку фудбалери, меѓу кои предничеа Мандак, Поп-Панев, Андонов и Илиев, го опкружи Ставрев и најмалку две минути не му дозволи да го продолжи натпреварот. Во таа мешаница имаше многу тензии, влечење на судијата за дрес, погрдни зборови. Судијата Ставрев откако процени дека нема услови мечот да го продолжи, предвреме означи крај на мечот.