Ќе се најде ли клуб кој ќе го запре забревтаниот тим на прволигашот Силекс? Иако пред почетокот на првенството сите го отпишуваа клубот од Кратово, дури и обложувалниците му даваа најмалку шанси за опстанок, кратовци тргнаа фуриозно во првите три кола, двапати победија дома Со Турново и Ренова, а останаа непоразени кај Металург. Вечерва дефинитивно е најголемото искушение за составот на Штерјовски и Здравков, гостувањето кај актуелниот шампион Работнички (17ч.). Страв нема, самодовербата е голема, а противникот беше анализиран и од видеоснимка.
-Денеска имаме одличен противник на прекрасен терен за игра. Исполнети се сите услови за еден добар меч на кој ќе се надигруваме со противникот. Добрите игри од претходните натпревари ни даваат надеж и верба во позитивен резултат. Тоа значе дека секој резултат освен пораз е одличен резултат за нас. Ќе играме тимски, со сите сили ќе ги браниме боите на клубот и се надеваме дека ќе се избориме за посакуван резултат - вели летното засилување Крсте Тодоров, кој бележи одлични настапи во првите три кола.
По три одиграни кола, кратовци се на делба на втората позиција со 7 бода. Работнички тргна лошо, има само 3 бода во воведните три меча. Обложувалниците го сметаат домаќинот за изразит коефициент, давајќи му коефициент 1.65 за победа. Триумфот на Силекс е вреднуван 4.65, а ремито е 3.40.