gogo

A+ R A-


Разгоропаден Силекс

Силекс - Победа 3-0

пишува - Оливер Арсовски

Тимот на прилепска Победа завчера плати за сите фрустрации и срамови што ги доживеаја кратовци пред една недела против Милано. Разгоропадениот Силекс сите деведесет минути владееше на зелениот тепих, создавајќи најмалку десеттина зрели шанси, од кои само три завршија во мрежата на гостите. Што да се каже за прилепчани, можеби домашната публика и не видела поинфериорен тим да гостувал последниве неколку години во Кратово. Да не се упати ниту еден удар кон противничкиот гол за деведесет минути, тоа е несвојствено за тимот кој редовно си заминувал со бодови од теренот во Кратово.

Мечот започна со пропуштените шанси на Марковски и Трајчев, но сепак нивните грешки ги поправи Амир Дуриќ во 30.минута, кога со глава го постигна својот трет погодок во дресот на Силекс. Промашувањата на кратовци продолжија се до 78.минута, кога нововлезениот Ангел Нацев прифати една асистенција од Глигоров и во полн трк од десеттина метри го совлада гостинскиот голман. Судбината на прилепчани ја запечати бекот Златко Бошковски во 88.минута кога со топовски удар од 25 метри ги постави конечните 3-0. Работата на кратовци делумно ја олесни гостинскиот голман Јефтимов со директниот црвен картон на дваесеттина минути пред крајот, откако го собори Марковски надвор од шеснаесетникот.

Џаро не издржа ни 45 минути

 

Контроверзниот Велибор Џаровски – Џаро на изненадување на кратовската публика се појави во ложата на стадионот во Кратово. Побара да седне до домаќинот Љубисав Иванов – Ѕинго, но желбата не му се исполни бидејќи газда Ѕинго не се појави на овој меч. Џаро нервозно го следеше првото полувреме и на паузата си замина. Останува нејасно дали беше разочаран од играта на Победа или пак од неостварената средба со газдата на Силекс.

 

 

Силекс

Божиновски, Лампевски (36' Шалевски), Мишовски, Бошковски, Петров, Темелков, Трајчов, Глигоров, Трајчев (84' Стојановски), Марковски, Дуриќ (73' Нацев)

Победа

Јефтимов,Спиркоски (46' Ристов), Мирчески (66' Вељаноски),Дамевски, Пресилски, Петровиќ, Мегленски, Ацески, Стојанов (68' Сркески), Димитровски, Шабани

Стадион на "Силекс" во Кратово. Гледачи 600. Главен судија: Зоран Петковски Помошници: Горан Манасиев и Петар Новачев (сите од Велес)

Делегат: Дано Тодоровски (Кавадарци)

Стрелец: Дуриќ 30', Нацев 78', Бошковски 88' (С)

Жолти картони: Шалевски(С), Мегленски, Шабани, Стојанов(П)

Црвен картон: Јефтимов (П)

 

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.