Ривалдо виновен
за трансферот на
Ристиќ
По неколкучасовно летање од Белград до Дубаи, Стевица Ристиќ пристигна во срцето на Обединетите Арапски Емирати. На аеродромот го пречекаа претставници од неговиот нов клуб Бунјодкор, ноќта ја мина луксузниот хотел „Џабел Али„, а веќе следното утро го очекуваше највозбудливиот момент во неговата кариера, средбата со Луис Фелипе Сколари и соиграчот Ривалдо. Имиња за респект, но всушност со своите игри во последно време и Ристиќ е на пат да влезе во тоа славно друштво.
„Голема возбуда чувствував пред средбата со овие големи фудбалски имиња. Со тренерот Сколари имав едночасовен состанок на кој добро се запознавме и ми остави впечаток на голема благородна душа. Нешто подоцна се запознав и со останатите соиграчи, а одлично бев примен и од големиот Ривалдо. За читателите на АБЕРЏИЈА ќе откријам една мала тајна. Имено, најзаслужен за мојот трансфер во узбекистанскиот првак Бунјодкор е токму Ривалдо. Откако ги забележал моите настапи во дресот на Поханг, Ривалдо инсистирал кај тренерот Сколари и управата на клубот да бидам ангажиран во најкус можен рок. Всушност, негова желба била токму јас да му бидам партнер во нападот„, со голема доза на радост ни соопшти нашиот интернационалец од далечниот Дубаи.
Неговиот тим веќе три дена тренира во Дубаи, а големите ѕвезди Ривалдо, Ристиќ и Денилсон ја имаа таа привилегија три дена покасно да им се приклучат на соиграчите. Сега се поставува прашањето кога Ристиќ првпат ќе го облече дресот на својот нов клуб.
„Во Дубаи остануваме до 22 јануари, а првиот контролен меч ќе го имаме на 20 јануари против украинскиот клуб Металист Харков. Тогаш ќе го имам своето неофицијално деби за Бунјодкор. Потоа се враќаме три дена во Ташкент, каде со бразилецот Денилсон ќе имаме официјално претставување пред новинарите, и повторно продолжуваме со подготовките во Дубаи„, рапортираше напаѓачот.
Поранешниот напаѓач на Силекс конечно ги разреши сите дилеми кои биле мотивите да потпише договор вреден два милиони долари во узбекистанскиот клуб.
„Многумина сметаа дека трансферот во Бунјодкор е чекор назад во мојата кариера, но јас не се сложувам со тоа. Во овој момент тврдам дека мојот нов клуб е најквалитетниот тим во Азија и главен фаворит за освојување на азиската лига на шампиони. Некои мислат дека узбекистанското првенство е неквалитетно, но и тоа ќе го демантирам, бидејќи лани два четвртфиналисти во азиската ЛШ беа од Узбекистан. Дополнителен мотив ми беше „ѕвезденото“ друштво во тимот, бидејќи е привилегија да се настапува рамо до рамо со Ривалдо и Денилсон, а под тренерска палка на врвен светски стратег. И на крај, секако дека финасиската понуда беше нешто што не се одбива„, заклучи Ристиќ. Оливер Арсовски