
Без да ги испотат дресовите, фудбалерите на Силекс прокнижија нови три бода, овојпат не на зелениот терен, туку на зелена маса. Фудбалскиот второлигаш Руфеја се откажа од понатамошните натпревари во лигата, откако не се појави ниту на денешниот дуел од 22. коло на домашен терен против Силекс.
„Повеќе нема да се натпреваруваме во Втората лига. Нашиот клуб во најскоро време преку соопштение ќе ги изнесе причините за ваквата одлука“, изјавиле претставници на клубот.
Со ова, лидерот на табелата Силекс речиси сигурно ќе го добие мечот службено со 3-0 и со новите три бода ќе се зацврсти на врвот на табелата пред второпласираниот Тетекс, кој исто така славеше, 1-0 на гости кај Маџари. Првите две екипи ќе изборат пласман во Првата лига.
Резултати, 22. коло: Новаци – Победа јуниор 1-0, Врапчиште – Корзо 1-0, Тиверија – Борец 2-1, 11 Октомври – Зајази 1-3, Миравци – Дрита 1-1, Локомотива – Скопје 0-3, Маџари – Тетекс 0-1.
Табела: Силекс 54 (-1), Тетекс 48, Дрита 39, Врапчиште 39, Корзо 37, Миравци 35, Скопје 34, (-1), Победа јуниор 33, Тиверија 31, Зајази 31, Маџари 30, Руфеја 21 (-1), 11 Октомври 16, Новаци 16, Борец 14 (-1), Локомотива 14.