Тетовска Шкендија е, верувале или не, во четвртото коло на Лига Европа, во плеј-оф фазата, каде ги очекува белгиски Гент, како последна пречка до групната фаза од ЛЕ. Сега е вистинскиот момент тетовци да го направат најголемото чудо, уште еднаш да ги затворат устите на скептиците и за прв пат македонска екипа да заигра во групната фаза на евро-натпреварувањата. А таму веќе се отвара трезорот кој значи милиони евра во клупската каса и џебовите на играчите. Не е за потценување ниту досегашниот „арач“, кој клубот го собра за трите успешни настапи. Цифрата од 860.000 евра за учество во плеј-офот не е мала сума. Ако се додаде цифрата за ТВ права и продадени влезници, Шкендија инкасира досега приближно милион евра.
Сепак, вистинско богатство ги чека доколку влезат во групната фаза на ЛЕ. УЕФА за учеството во групата ќе ги награди со неверојатни 2,4 милиони евра, плус 6 натпревари каде секоја победа се вреднува со 360.000 евра, а реми со 120.000 евра. Плус полн стадион против атрактивни противници, плус ТВ права, плус промоција и продажба на играчи. Со една победа и едно реми во групната фаза, со полн стадион и атрактивни ТВ права, Шкендија ќе атакува на минимум 5 милиони евра „Џек-пот“. Со среќа!!!
Оливер Арсовски