Силекс - Митровиќ, Ф.Глигоров (65’ Тимовски), Филиповиќ, Стојчевски, Благојевиќ, Гуцев, Филиповски (48’ Алексовски), Антонио Маркос, Тимов, Г.Глигоров (37’ Георгиев), Ѓорѓевиќ
Академија Пандев - Истатов, Атанасковски, Иванов, Стоилов, Петриќ, Ганчев, Марков, Вареловски, Грифони, Дориев (80’ Мишев), Тревис
Со минимална предност од еден гол, но без примен погодок на свој терен, Силекс ќе замине на реванш-дуелот во Струмица против Академија Пандев. Во тврд натпревар, не премногу убав за око, но со многу искри и жар на теренот, кратовци беа подобри токму за тој еден гол, кој значително им ги зголемува шансите за четвртфинале. Човек на одлука беше српскиот стопер Игор Филиповиќ, кој се почесто ги демонстрира своите квалитети во нападот, особено во играта со глава, каде е неприкосновен. Пресуден момент беше корнерот во 19-тата минута што го изведе Филиповски. На пеналтикот највисоко скокна токму Филиповиќ, кој со глава ја закова топката во левиот долен агол на гостинскиот гол.
Гостите најзрелата можност за израмнување ја имаа во 40-тата минута, кога Атанасковски откосо го затресе надворешниот дел од мрежата. Во следната акција Гуцев имаше извонредна можност, но неговиот удар профуче крај дирекот.
Во вториот дел Тревис излезе сам пред домашниот гол, но Митровиќ со вешта интервенција успеа да му ја одземе топката. До крајот на мечот, двата состава имаа уште по една полушанса, но резултатот остана непроменет.