Силекс победи од два аута
пишува - Оливер Арсовски
Ако некој клуб знае како да излезе на крај со штипска Брегалница, тоа секако е прволигашот Силекс. Кратовци во извонредно динамичен и возбудлив меч ги совладаа „сините" со 2-1, остварувајќи ја деветтата победа во меѓусебните дуели. Статистиката вели дека штипјани само еднаш славеле на 13-те одиграни мечеви меѓу соседите, а за продолжување на традицијата се погрижија Борјан Стојановски и Александар Темелков, стрелците на головите за Силекс. За гостинската екипа прецизен беше Стојанче Велинов.
Што се однесува до мечот, навивачите на двата тима, а ги имаше по околу 300 на двете страни, уживаа во фудбалската претстава што им ја приредија играчите, и покрај жешкото и спарно време. Кратовци имаа среќа да поведат уште во првата своја акција, кога во 4-тата минута извонредниот бек Саша Васов директно од аут катапултираше центаршут на поблискиот дирек, каде на вистинско место се најде Борјан Стојановски и од само неколку метри го матираше немоќниот Алчинов.
По дваесеттина минути доминација на домашните, се разбудија гостите и со неколку сериозни акции најавија израмнување. Тоа се случи во 29-тата минута, кога Велинов избегна офсајд замка и рутински ја префрли топката преку подистрчаниот голман Божиновски за голема радост на гостинските навивачи, барем оние кои до тој момент беа влезени на трибините. Интересно е што најогнените навивачи од „Фалангата" успеаја да влезат дури на полувремето, а притоа пред крајот на мечот направија и инцидент при кој настрада помошниот судија Гоце Недев. Тој се пожали кај главниот арбитар Зоран Темелков дека бил удрен со тврд предмет по глава, но сепак остана неповреден и остана покрај аут-линијата во последните неколку минути од мечот.
Вториот дел донесе апсолутна доминација на гостите која траеше се до 70-тата минута, при што Аксентиев и Ивановиќ помашија неколку извонредни казни. Тогаш стигна и казната на спротивната страна, и тоа на сличен начин како при првиот погодок. Васов нафрли од десната страна, во шеснаесетникот се создаде мешаница по која Темелков упати силен и прецизен удар во долниот десен агол на Алчинов. По водството на Силекс, Брегалница ги загуби силите, но и мотивот, и не успеа да создаде посериозна прилика за израмнување.
&feature=player_embedded
&feature=player_embedded