Нацев ги столчи штипјани, Силекс ќе презими на 7-та позиција
пишува - Оливер Арсовски
Соседското дерби меѓу тимовите на Силекс и Брегалница сосема заслужено му припадна на домаќинот. По голема борба, на терен кој беше целосно замрзнат и опасен за игра, кратовци со пресврт го совладаа екс-тимот на Силекс, бидејќи во гостинскиот тим настапија дури шест поранешни фудбалери на Силекс. Овој податок говори дека Брегалница играше како на свој терен, притоа ја имаше поддршката од педесеттина бучни навивачи на штипската Фаланга, и тоа доста рано вроди со плод.
По почетниот притисок на домашните и шансите на Заревски и Темелков во првите пет минути, играта ја презеде Брегалница и во 26-тата минута преку Мандак стигна до водство. Но, тоа беше се од страна на гостинскиот тим, бидејќи од овој момент па до крајот на мечот играше само еден тим. Пресвртот го најави Ангел Нацев, "штипското дете" во редовите на Силекс, кој одигра брилијантен меч, постигнувајќи го израмнувачкиот погодок, а притоа ги намести останатите два. Израмнувањето стигна осум минути по водството на гостите, кога една секавична контра на Бошковски, Нацев ја претвори во погодок. Разиграниот Нацев шоуто го продолжи на почетокот на вториот дел, кога како брз воз протатне низ тромавата одбрана на гостите и му ја сервираше топката на осамениот Темелков, кому не му беше тешко да ја турне топката во мрежата. Отпорот на штипјани беше комплетно скршен по само шест минути игра во вториот дел, кога повторно Нацев се најде во главна улога. Упати силен и прецизен удар со глава од работ на петерецот, Алчинов со крајни напори одбрани, но топката стигна до Заревски кој го постави конечниот резултат.
Овој погодок како да ги урна надежите на Брегалница, која до крајот на мечот се обидуваше да создаде некаква шанса, но сите обиди беа јалови и без вистинска завршница. Очигледно беше дека искусниот состав на штипјани, во кој настапуваат неколку играчи кои се навлезени во четвртата деценија од животот, физички не можеше да им парира на младите фудбалери на Силекс, а тоа најдобро се забележа во второто полувреме, кога и се одлучи победникот. О.Арсовски
По шест меча пост, конечно победа
Фудбалерите на Силекс ја прекинаа црната серија од шест меча без победа. По трите порази и трите нерешени средби, кратовци на најдобар можен начин, со убедлив триумф ја спуштија завесата во есенскиот дел.
Костадиновски со тешка повреда
Десниот бек на кратовци, Дарко Костадиновски, заработи тешка повреда во 54-тата минута, кога врз него невнимателно стартуваше Блажевски, кој притоа заработи и жолт картон. Дваесеттина секунди стадионот ечеше од болните извици на Костадиновски, кој со болничко возило го напушти теренот. Засега не е позната тежината на повредата, а се работи за удар над глуждот од десната нога.
Злате Бошковски се прости од дресот на Силекс
Левиот бек и еден од носечките столбови во тимот на Силекс, Злате Бошковски, завчера го одигра последниот меч во дресот на кратовци. Тој зимава сигурно го напушта клубот, откако му заврши договорот. За крај одигра брилијантна партија, претрча многу и го намести израмнувачкиот погодок на својот тим.