Ангел Нацев без емоции кон своите штипјани, најавува голови
Гостувањето на штипска Брегалница во Кратово скоро секогашбило пропратено со тензии на теренот, но не помалку било искричаво и на трибините, каде гостите редовно имале свои верни навивачи . Но, секогаш актерите на теренот, без разлика дали Силекс или Брегалница излегувал како победник, си подавале спортски рака и му честитале на подобриот. Нема сомнение дека така ќе биде и утре на локалното дерби на Истокот, на ривалскиот дуел меѓу двата града кои се оддалечени 50 километри.
„Сините" се наострени по ланскиот инцидент кога при негатива од 1-0 неспортски реагираше Мандак и можеби малку престрого судијата Александар Ставрев го прекина мечот, а кратовци на зелена маса ги освоија бодовите. Овојпат сите посакуваа спортската пресметка да заврши на фер и коректен начин, а да победи подобриот. Такво мислење дели и штипјанецот Ангел Нацев, кој веќе неколку години е на фудбалска печалба во редовите на Силекс. Од него утре се очекуваат голови против својот матичен клуб, а тука веќе може да проработат и емоциите.
-Јас сум професионалец кој дава максимум за клубот во кој настапува, и тука приказната завршува. Никакви емоции, никакви сентименти ќе немам утре во текот на 90-те минути против мојот матичен клуб. Отворено најавувам дека доколку ми се укаже прилика ќе им дадам еден, а зошто не и два погодока и да го решам дербито на Истокот во наша корист. Бодовите ни се од огромно значење, бидејќи поради лошиот распоред се најдовме на дното од табелата. Е сега против Брегалница во Кратово е секогаш тешко да се игра, впрочем штипјани секогаш на нашиот стадион имале поддршка од 100-200 навивачи кои создавале бучна атмосфера и придонесувале фудбалерите на Брегалница да играат како на свој терен – вели младиот напаѓач Нацев.
Интересено е што на теренот во Кратово утре ќе настапат фудбалери како Ванчо Трајчов, Душко Андонов и Ивица Глигоровски, кои до скоро беа главни перјаници во играта на Силекс. Тие ќе сакаат утре да му се одмаздат на својот поранешен клуб, но дали ќе успеат во намерата, ќе зависи најмногу од расположението на домашните фудбалери, кои се наострени и за втор домашен триумф.