Силекс –Дрита 1-0 (0-0)
Стадион на Силекс, гледачи 400, главен судија: Тони Митревски помошници: Томче Чагоровски и Панде Атанасов делегат: Васко Дојчиновски, жолти картони: Тимовски (С), Мифтари (Д)
Стрелец: Мандак 84’ (С)
Силекс: Симов, Петров, Тимовски, Коцев, Јанев, Мариќ (Блажев 88м), Миневски, Николов (Лазаревски 66м), Митевски, Заревски (Мандак 66м), Велинов
Дрита: Баснарков, Муареми (Синани 86м), Шаипи, Рушити, Билбилоски, Јонузи, Зеадини (Исљами 60м), Мифтари (Рамадани 71м), Николовски, Игњатовски, Алији
Со предност од еден гол, но уште поважно, без примен погодок на домашен терен, фудбалерите на Силекс ќе патуваат на реваншот во Боговиње. Минималната победа од 1-0 е остварена на шест минути пред последниот судиски свиреж, кога на цврстата и дотогаш непробојна одбрана на Дрита, за момент и падна концентрацијата и прими гол. Тимовски повлече акција на домашниот тим по десната страна, одлично нафрли во срцето на шеснаесетникот, таму натрча нововлезениот Елмир Мандак и мајсторски со глава од 13-14 метри биеше во долниот лев агол на Баснарков. Радоста на кратовци беше голема, впрочем знаат играчите на Силекс дека ја имаат најдобрата одбрана во второлигашката конкуренција со само еден примен гол и дека на Дрита ќе и биде многу тешко во реваншот да постигне два гола.
Ако се суди за настаните на теренот во сите 90 минути, тогаш Дрита дефинитивно заслужи нерешен исход. Можеби немаа голем посед на топката, но создадоа нешто позрели пролки за гол, кои не знаеја да ги искористат. Посебно онаа во 10-тата минута, кога Симов со мајсторска интервенција ја извади топката од под пречката. Уште еднаш Симов спасуваше сигурен погодок, кога по една грешка на одбраната истрча далеку од својот шеснаесетник и за дел од секундата беше побрз од противничкиот играч и ја исфрли топката во поле. Во првиот дел кратовци не одиграа буквално ништо, но затоа во вториот дел заиграа поангажирано, што се должи на влегувањето во игра на искусниот Мандак и Лазаревски. Тоа резултираше со посериозни акции кон гостинскиот гол, а за одбележување се непрецизниот удар на Коцев и одбраната на Баснарков по ударот на Велинов. О.Арсовски