Само три дена траеше еуфоријата во таборот на Силекс по извонредното гостинско издание во Битола и убедливиот триумф над Пелистер. Кога се очекуваше кратовци да тргнат во победничка серија и да се доближат на минус 5 бода од Дрита, се случи нова хаварија на „црвено-синиот“ состав. Повторно анемична игра, без идеја во нападот, со недоволно физички подготвени играчи, сосема доволно за далеку поискусниот тим од Боговиње да забележат заслужена победа во Кратово. Се надеваа домаќините дека и овојпат ќе прокнижат три бода, имајќи предвид дека сезонава кратовци трипати ја совладаа Дрита во првенството и куп-натпреварите. Но, на теренот видовме сосема спротивна ситуација. Целосно доминантна игра на гостинските фудбалери, кои ја контролираа играта, не дозволуваа опасни ситуации пред својот шеснаесетник, но и не се обидуваа многу да го загрозат голот на Божиновски.
Првата каква-таква шанса за гол ја бележиме дури во 31-та минута, кога Нухији со глава биеше крај дирекот. И кога најмалку се очекуваше дека ќе има возбудувања, во судиското продолжение на првиот дел кратовци влегоа во прилика за гол, но помошникот Недески сигнализираше (не)постоечки офсајд, по кој тргна брз контранапад на гостите. На дваесеттина метри од голот, Нухији упати силен удар по средината на голот, Божиновски кратко ја одби топката, а на неа натрча Станковски и од 6-7 метри пласираше во празната мрежа. Веднаш по изведениот центар арбитарот Стефков означи крај на полувремето и се замина на одмор.
Вториот дел започна со колосална прилика на гостинскиот тим, кога по едно нафрлување од десната страна, Божиновски ја одби топката, таа удри во пречката и падна на еден метар пред гол-линијата. Брзо реагираше Нухији и прв дојде до неа, но неговиот удар Божиновски на чудесен начин го изблокира.
Конечно една добра акција бележиме и за домашните фудбалери, и тоа по цел час игра. Марков излезе очи в очи со голманот Мустафа, но упати за малку непрецизен удар крај дирекот. На спротивната страна возврати Станковски со прецизен удар со глава, но повторно Божиновски излезе како победник.
Веќе во следната акција Дрита ја казнува индолентната игра на избраниците на Сенев и повторно Станковски се најде во улогата на егзекутор. На средината од теренот Савановиќ загуби топка, следуваше остро уфрлување на пеналтикот каде натрча Станковски и повторно се запиша во листата на стрелци, за веќе убедлива предност од два погодоци.
Малку надеж кај домашниот состав донесе погодокот на Немања Иванов во 65-тата минута. Савановиќ одлично центрираше на подалечниот дирек, таму на вистинското место се најде српскиот интернационалец Иванов и со глава го матираше немоќниот Мустафа.
Иако до крајот останаа речиси половина час игра, ниту домаќините, ниту гостинските фудбалери не успеаја да создадат стопроцентна прилика за четврт погодок на мечот. По овој пораз, само теорија ги спасува кратовци од директно испаѓање. Таа вели дека им се потребни три победи во последните три кола, но и три порази на Пелистер. А тоа е невозможна мисија, нели? Оливер Арсовски
Голови...
0-1 45’ Нухији пронајде простор на дваесеттина метри од голот за да упати силен удар, по кој Божиновски ја одби топката до Станковски, на кого не му беше тешко од само неколку метри да реализира
0-2 61’ Остар центаршут по земја од десната страна, на пеналтикот прв до топката стигна Станковски и по вторпат ја затресе мрежата на немоќниот Божиновски
1-2 65’ Савановиќ упати прецизен центаршут на подалечниот дирек, каде Иванов со глава од десеттина метри го совлада Мустафа
Трајче Сенев
Сосема заслужена е победата на фудбалерите на Дрита, бидејќи тие повеќе ги посакуваа трите бода од нас. Со овие фудбалери што ги имам на располагање, а некои од нив се од младинскиот погон и без прволигашко искуство, толку може да очекувам. Во следните три меча останува да одиграме фер и коректно и неоптоварени со ништо, да се обидеме да го подобриме бодовното салдо.
Јетон Беќири
Секогаш е тешко да се игра против противник кој е квалитетен, а игра без никакво оптеретување. Токму таков тим е Силекс, кој својот квалитет го покажа и на претходното гостување во Битола, а и претходно против Вардар. Сепак, ние создадовме повеќе зрели прилики и сосема заслужено ги освоивме трите бода. Сега ни останува да бркаме директен опстанок, бидејќи Напредок има само четири бодови предност.