gogo

A+ R A-


Силекс - Дрита 4-0, фуриозен старт на кратовци (ВИДЕО)

Нови ветришта дуваат во прволигашот од Кратово, а тоа најдобро на своја кожа го почувствуваа фудбалерите на Дрита, кои буквално беа демолирани и со четири погодоци во мрежата си заминаа дома. По вчерашната велемајсторска претстава на фудбалерите на Силекс, стана очигледно дека одличните резултати од подготвителниот период не биле случајни. За продолжување на одличната зимска серија од шест победи и две нерешени средби се погрижија сите 12 фудбалери кои настапија, одигрувајќи ја најдобрата партија сезонава. Квалитетните засилувања, но и одличната тактика поставена од стратегот Небојша Петровиќ беа главната причина за првите пролетни бодови на тимот од Кратово. Токму новите аквизиции Бојан Стаменковиќ и Игор Павловиќ ја најавија убедливата победа на кратовци, која беше надополнета со двата погодока на Стојанче Велинов.
По релативно мирните први дваесет минути од мечот, во кој и двата тима се бореа за превласт на средината од теренот, кратовци имаа фуриозни пет минути од кои се изродија три зрели прилики. Најпрвин Павловиќ се обиде со удар од дваесеттина метри, но Адили чудесно одбрани. Во следната акција, а се играше 24-тата минута, бележиме корнер за кратовци. Од аголот уфрли Ѓорѓевиќ, на поблискиот дирек највисоко скокна Стаменковиќ и со глава пласираше неодбранливо под пречката за водство од 1-0.
Две минути подоцна Павловиќ можеше да зголеми откако се најде во ситуација "еден на еден" со Адили, но голманот на Дрита и по вторпат излезе како победник. По оваа пропуштена прилика, кратовци ја спуштија топката, играа "од нога до нога", но без изгледна шанса за гол до завршувањето на првото полувреме.
Иако во вториот дел се очекуваше избраниците на Ане Андовски да извршат притисок врз домашната одбрана, сепак, кратовци со брз гол ја разнишаа уште повеќе гостинската екипа. Акцијата за водство од 2-0 ја започна Марков во 54-та минута, одлично нафрли на подалечниот дирек до Павловиќ, кој со помош на дирекот стрелаше за удвојување на предноста.
Две минути подоцна Стаменковиќ распали од далечина, а Адили успеа со судни маки да исфрли во корнер. Првата и единствена прилика на средбата гостите ја имаа во 68-та минута по една мешаница пред голот на кратовци, но Божиновски беше присебен и спречи погодок.
Во последните десеттина минути од мечот комплетно се растури одбраната на Дрита, веќе секоја акција мирисаше на погодок. Вистинско чудо е што утнаа Велинов, Лампевски и Павловиќ во последните десеттина минути од мечот. Сепак, за триумфот да биде убедлив се погрижи Велинов со два лесни погодоци од непосредна близина, првиот во 84-та, а вториот во 89-та минута, за конечни 4-0 за кратовци.                                        Оливер Арсовскиalt

Велинов душман на боговињци
Младиот напаѓач на кратовци, Стојанче Велинов, и покрај новата улога што ја доби како полушпиц со маневри во средниот ред, сепак успеадвапати да се запише во листата на стрелци. Тој се покажа како вистински душман на прволигашот од Боговиње, откако пред 3 месеци постигна хет-трик токму против Дрита и ги исфрли од четвртфиналето на националниот Куп.

Голови
1-0 24' Корнер за кратовци, Ѓорѓевиќ нафрли на петерецот, а Стаменковиќ со глава прецизно биеше под пречката
2-0 54' Марков побегна по левата страна, упати длабинска топка на подалечниот дирек до слободниот Павловиќ, кој упати силен удар кој со помош на дирекот заврши во мрежата на гостите
3-0 84' Павловиќ асистира до Велинов, а овој од непосредна близина само ја турна топката во мрежата на Адили
4-0 89' Дриблинг на Мијатовиќ покрај левото корнер знаменце, успеа да ја турне топката до Велинов, кој по вторпат од 7-8 метри успеа да го совлада немоќниот Адили

Изјави
Небојша Петровиќ
"Извонредно значајна победа против тим кој во секој момент од мечот знаеше што сака. Уште позначајно е што стигнавме до триумф во меч во кој носевме голем психолошки товар на плеќите. Мечот беше крајно неизвесен се до последните десеттина минути, кога ја искористивме деконцентрацијата на гостите и стигнавме до убедлив триумф", резимираше стратегот на Силекс

Ане Андовски
"Сосема заслужена победа на домаќините. Им посакувам добри резултати понатаму. Се трудевме да пружиме отпор, но Силекс беше подобар противник. Имавме грешки во одбраната кои домаќините знаеја да ги казнат и да стигнат до убедлив триумф", изјави стратегот на Дрита

 

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.