Играчкиот „рез“ што го направи управата на Силекс заедно со стручниот штаб по срамниот пораз во Купот од Тетекс, беше делотворен што се однесува до играта, но сепак не донесе подобрување на бодовното салдо. Фудбалерите на Силекс одиграа далеку поквалитетно во однос на претходните мечеви, но немаа реализација и покрај многуте шанси за гол што ги создадоа против претендентот за титула Хоризонт Турново. За разлика од домашниот состав, кој можеби ја прокоцка и последната шанса да фати приклучок со тимовите од бараж зоната, гостинските фудбалери одиграа зрело во текот на сите деведесет минути, знаеја што сакаат и на крајот заслужено стигнаа до трите бода што значат задржување на лидерската позиција на табелата.
Што се однесува до ситуацијата на теренот, таму воопшто не се забележуваше дека играат лидерот и „фенерџијата“. Разликата е во тоа што кратовци упорно градеа игра и создаваа шанси кои останаа без реализација, наспротив конкретните турновци, кои искористија две големи грешки на домашната одбрана и реализираа за големи три бода од гостувањето во Кратово.
Првата закана на мечот гледачите ја видоа во 16-тата минута, кога Петров со глава упати прецизен удар, но Божиновски одбрани. На спротивната страна Кочоски се обиде со незгоден удар да го совлада Димовски, но гостинскиот голман дури во вториот обид успеа да го скроти ударот. Најубавата можност во првиот дел ја пропушти Балдовалиев на десет минути пред полувремето.
Она што го пропушти во првото, Балдовалиев го надомести на почетокот од второто полувреме. Првин умешно избегна офсајд замка, а потоа пласираше под телото на Божиновски за водство од 0-1.
Кратовци вратија се на почеток во 70-тата минута, кога Ѓорѓиев со глава го матираше Димовски по корнерот што го изведе Савановиќ. И наместо да го свртат резултатот во своја корист по стопроцентната прилика на Кочоски, турновци по еден брз контранапад преку Блажевски ги поставија конечните 1-2 и на седум кола пред крајот остануваат лидери со бод предност пред Вардар. О.Арсовски
Голови...
0-1 59’ Неуспешна офсајд-стапица на домашната одбрана, Балдовалиев излезе сам пред Божиновски и со прецизен удар по земја ја затресе мрежата
1-1 70’ Савановиќ изведе корнер, на пеналтикот највисоко скокна Ѓорѓиев и со глава го матираше Димовски
1-2 87’ Брз контранапад по кој брзоногиот Блажевски со не многу силен, но прецизен удар од десеттина метри му донесе „златни“бодови на својот тим
Трајче Сенев
На моите фудбалери можам само да им честитам за борбеноста што ја прикажаа на теренот. Сепак, игравме против лидерот во првенството, а успеавме да создадеме 4-5 зрели шанси за гол кои не ги искористивме. На гостите им ја честитам победата.
Љупчо Димитковски
И двата тима во мечот влегоа со свои математики, едните играа за бодови за опстанок, а другите бркаа бодови за шампионска титула. Гледачите беа сведоци на многу голема борба на теренот и резултатска незивесност до самиот крај. Сметам дека пресуди нашето поголемо искуство, но од друга страна забележав дека и кратовци прикажаа квалитетен фудбал кој не одговара на нивната позиција на табелата.