gogo

A+ R A-


Силекс - Хоризонт Турново 1-1

Силекс - Хоризонт Турново 1-1

пишува - Оливер Арсовски

Ако досега кратовци лесно излегувале на крај со турновци, овојпат наидоа на тврд орев и по многу борба на теренот не успеаја да го совладаат жилавиот гостин. Имаа повеќе од играта фудбалерите на Силекс, дури трипати ја дрмаа конструкцијата на голот, но сепак не успеаја да стигнат до трите бода. И овојпат се покажа дека кратовци треба да примат гол, па дури тогаш да префрлат во поголема брзина. Тоа и се случи во 61-та минута, кога гостите преку екс-силексовецот Панче Стојанов од пенал дојдоа во водство. Но немаа среќа турновци да му се порадуваат на погодокот, бидејќи по само една минута, во првата акција по изведениот центар, домашните преку најдобриот играч Темелков го возвратија ударот. Тука некаде како и двете страни да се задоволија со постигнатиот резултат, па ја смирија топката. До крајот на мечот се заканија само уште по еднаш, домашните преку Темелков, а гостите преку Ковачев.
Извесни критики за судењето заслужува и арбитарот Зоранчо Темелков, кој не успеа да ги смири страстите во неколку ситуации, па малку фалеше да дојде до инциденти по грубите стартови од двете страни.     О.А.

Конечно погодок на гостински тим

Дури во шестиот меѓусебен дуел на Силекс и Хоризонт, тимот кој гостува успева за првпат да постигне погодок. Претходно кратовци победуваа дома со 3-0 и 4-0, додека на гостувањата губеле трипати без постигнат гол. Ова е и првиот меч на кој овие два тима одиграле нерешено.

Темелков и херој и трагичар

Халфот на Силекс, Александар Темелков, вчера одигра маестрален меч и со погодокот во 62-та минута е херојот на Силекс бидејќи му донесе бод на својот тим. Но, истовремено е и трагичар бидејќи на двапати ја погодуваше конструкцијата на голот, еднаш со удар со нога и еднаш со глава.

Минута по минута...
4' Бошковски бие од 20-тина метри, но Димовски дури во вториот обид успеа да ја скроти топката
8' Чурлинов од изгледна позиција бие крај голот
9' Глигоров со глава го лобуваше Димовски, но го префрли голот
20' Голема мешаница во петерецот на гостите, топката го удри во рака Христовски, домашните бараа пенал, но Темелков покажа играта да продолжи
32' Стојановски од само 7-8 метри ја промаши топката и празниот гол
37' Милушев нафрли од корнер, а Ташев од неколку метри го погоди дирекот
41' Бошковски од 25-метри ја погоди пречката на гостинскиот гол
53' Ковачев од чиста позиција бие млако во телото на голманот Божиновски
55' Темелков од слободен удар од близу 30 метри ја здрма пречката
61' 0-1 Ковачев е во налет кон голот на домашните, од зад грб непрописно стартуваше Ѓорѓиев и го собори. Судијата Темелков покажа на белата точка, а Ѓорѓиев заработи исклучување. Сигурен реализатор на најстрогата казна е Панче Стојанов
62' Само што тргнаа од центарот, кратовци израмнија. Темелков прими топка на 25-метри, млако биеше по земја, но го фати во расчекор голманот Димовски и го израмни резултатот
72' Ковачев се обиде да го издрибла голманот Божиновски, но се заплетка и ја упропасти шансата
80' Темелков по вторпат ја погоди пречката, овојпат со удар со глава

Изјави
Ане Андовски
"Со играч помалку во вториот дел и променета концепција, треба да бидеме задоволни од постигнатиот резултат. Имавме неискористени прилики во првиот дел, по кои можевме да го решиме натпреварот. Задоволен сум од залагањето на играчите, го дадоа својот максимум"

Ратко Јанушев
"Нерешениот резултат е реален одраз на случувањата на теренот. Имавме добри прилики за кои жалиме што не ги искористивме. Сепак, и со овој резултат сме задоволни бидејќи е постигнат во отворена игра, без многу калкулации"

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.