Силекс – Тиверија 3-0 (1-0)
Стадион на Силекс, гледачи 400, главен судија: Далибор Ѓорѓевски (Куманово), помошници: Петар Новачев и Горан Манасиев (Велес), делегат: Иле Јакимов, жолти картони: Насевски, Митевски, Велинов (С), Чачев, Костовски, Костадинов, Ковачев (Т)
Стрелци: Ѓорѓиев 21’ и 55’, Велинов 85’ (С)
Силекс: Павлов, Јанев, Петров, Магловски (од 87м. Милошевски), Коцев, Насевски, Мандак (од 73м. Митевски), Лазаревски, Николов, Ѓорѓиев (од 78м. Заревски), Велинов
Тиверија: Јованов, Серафимовски, Чачев, Грбашлиев, Михаилов (од 62м. Зумровски), Костовски (од 88м. Андреев), Марков, Танов, Костадинов, Гуцев, Ковачев
По двете неубедливи ремија без постигнат погодок, љубителите на фудбалот дури во третото второлигашко коло конечно го видоа вистинското лице на Силекс. Овојпат кратовци не дозволија изненадување, уште во раната фаза на мечот му дадоа на знаење на противникот од Струмица дека бодови за нив ќе нема. Комплетната доминација во играта даде резултат многу рано, уште во 21-та минута. За првиот второлигашки погодок на кратовци се погрижи Ѓорѓиев, кој со глава од 7-8 метри го погоди голот на гостите, користејќи ја извонредната асистенција на Велинов. Гостите можеа да возвратат со израмнувачки погодок 15 минути подоцна, но Костовски од идеална позиција упати удар над пречката. На истекот на првото полувреме одлична можност пропушти Ѓорѓиев, кој од чиста позиција успеа да ја протне топката под телото на голманот Јованов, но го погоди само надворешниот дел од мрежата.
Сите дилеми околу победникот на мечот ги разреши Ѓорѓиев во 55 минута, постигнувајќи го својот втор погодок. Најзаслужен за погодокот беше Насевски, кој лесно се проби по десната страна, нафрли на пеналтикот каде Ѓорѓиев од свртување, ниско по земја го совлада Јованов. По убедливото водство, спласнаа амбициите на гостите, што резултираше со уште еден погодок на Велинов на пет минути пред крајот. Нововлезениот Заревски несебично асистираше на работ од шеснаесетникот до Велинов, кој со остар и прецизен удар ги постави конечните 3-0.
Триумфот и добрата игра ветуваат, но вистинската сила на Силекс ќе се види следната сабота на гостувањето во Врапчиште. Само со бодови од гостински терен кратовци може да се надеват на враќање во елитата. Оливер Арсовски