Силекс- катапулт за трансфери во странство
Трикратниот фудбалски
првак Силекс последниве седум-осум години се промовираше во клуб кој од голем број анонимни фудбалски таленти создаде респектабилни играчи барани на светската трансфер-берза. Кратовци добро ја научија лекцијата дека во фудбалот најдобро се заработува од продажба на играчи, затоа што во македонскиот фудбал е речиси невозможно да се заработи некој денар од продажба на дресови, влезници или телевизиски права. Следниот играч кој во зимскиот преоден рок се очекува да го искористи Силекс како катапулт за трансфер во странство е новопечениот репрезентативец Глигор Глигоров, кој ги одбројува последните денови во клубот од Кратово. Дека и во фудбалот владее економска рецесија, говори податокот дека последниве
две години кратовци немаат продаден играч во странство. Последната зделка ја направија во јануари 2008 кога Благоја Тодоровски замина во Динамо Букурешт, а романските медиуми објавија дека оштетата изнесувала 150.000 евра. Една година порано пред истекот на договорот кратовци го продадоа и голгетерот Стевица Ристиќ за скромни 80.000 долари, во споредба со оштетата од 4.000.000 долари која ја доби неговиот довчерашен клуб Поханг за трансферот во узбекистанскиот Бунјодкор. Пред три години солиден трансфер реализираше и Сашо Ѓорески во чешкиот клуб Брно.
Нешто порано кратовци избрусија уште два фудбалски дијаманти во имињата на Срѓан Захариевски и Игор Ѓузелов, кои кариерата ја продолжија во германскиот Штутгарт, односно украинскиот Шахтјор. Сепак, најзвучниот и финансиски најисплатлив трансфер му припаѓа на дефанзивецот Игор Митрески, кој за неверојатни 1,5 милиони тогашни германски марки премина во московски Спартак, притоа дебело полнејќи ја касата на Силекс.
Интересно е што кратовци споменатите фудбалери ги ангажираа речиси за без пари, а од нивната продажба заработија солидни суми. Од друга страна, ако се изземе Александар Коњановски, Силекс во последниве десет години не успеа да создаде ниту еден квалитетен фудбалер од сопствената младинска школа, иако важи за расадник на таленти. Оливер Арсовски