ФК Силекс загуби со 3-1 на гостувањето во Турново, но гостите од Кратово се револтирани од катастрофалното судење на судиската четворка од Тетово, особено на првиот помошник на Јосип Бартон, Небојша Ѓорѓиевски но и од главниот судија.
Од тие причини ФК Силекс испрати допис со реакција до Судискиот комитет при ФФМ во кој директорот на клубот Власте Савевски најжестоко реагира на арбитражата на Ѓорѓиевски и Бартон.
- Во 16-тата минута главниот судија Бартон не ги испочитува фудбалските правила и дозволи топка во движење по досуден фаул да биде упатена кон голот на Силекс.
- По оваа грешка Бартон направи уште една грешка по сугестија на вториот асистент Небојша Ѓорѓиевски кога несфатливо го исклучи нашиот дефанзивец Душко Рајда наместо да досуди прекршок во корист на ФК Силекс.
- Судиската козерија продолжи и во 42м. кога бруталниот старт од страна на Тенекиџиев врз фудбалер на ФК Силекс беше санкциониран само со жолт картон иако според сите правила следува црвен со што силите на теренот ќе беа израмнети.
- Ваквото однесување на судиите очигледно беше според однапред утврдено сценарио со цел да се ослаби Силекс и му се овозможи на противникот да победи се вели во дописот што директорот на клубот, Савевски го испрати во Судискиот комитет при ФФМ.
Савевски бара во иднина на ФК Силекс да му судат судии кои ги знаат прописите и правилата на ФИФА, УЕФА и ФФМ, а не судии со задачи и судии кои се „учат“ на натпреварите на ФК Силекс.
ФК Силекс побара санкции за Бартон и Ѓорѓиевски за направените грешки во Турново и бришење на црвениот картон на фудбалерот Душко Рајда.