gogo

A+ R A-


Силекс - Металург 0-1 (0-1)

Илијоски му пресуди на Силекс


Ништо ново од Кратово, барем кога тимот од Автокоманда гостува на жешката и тешко освоива кратовска тврдина. Скопјани одиграа просечен натпревар, дури на моменти беа и послаб противник од домаќините, но веќе традиционално лесно ги однесоа трите бода. Слично на претходните две сезони, металурзите без многу мака стигнаа и до четвртиот триумф во Кратово, на вкупно петте гостувања.
А почетокот на мечот не навестуваше лесни три бода за гостите. Во периодот од 15-та до 33-та минута, кратовци пропуштија три колосални прилики да дојдат во водство и мечот да го однесат во победнички правец. Првин новото засилување Милан Николиќ од петнаесеттина метри, небранет од никого, можеше да бира каде ќе шутира, но го промаши голот. Седум минути подоцна Атлески се најде во слична позиција, но и неговиот удар за десеттина сантиметри заврши крај дирекот. Офанзивата на кратовци резултираше со најубавата прилика која ја создадоа домаќините во 33-та минута, кога по идеалното нафрлување од Васов, Нацев од само 6-7 метри лошо ја зафати топката и го промаши голот.
Откако видоа гостите дека нивниот гол виси, тргнаа во контраофанзива и во првата посериозна акција стигнаа до водство. Една длабинска топка упатена кон работ на шеснаесетникот на Силекс, иако опкружен од тројца фудбалери, Илијоски мајсторски ја прифати, успеа да се избори за позиција и со силен удар од 20 метри ја искина мрежата на кратовци. Уште еднаш Илијоски покажа дека теренот во Кратово му лежи, бидејќи и порано во тимот на Работнички редовно ги тресел мрежите во Кратово.
Кратовци бргу се созедоа по шокот, и веќе во следната минута Нацев промаши стопроцентна прилика, биејќи со глава крај самиот дирек на Ефремов. Нападите на кратовци продолжија и во вториот дел, но овојпат тешко успеваа да се приближат кон голот на скопјани, бележиме силен, но непрецизен удар на Лампевски во 50-тата минута и непрецизен удар со глава на Заревски неколку минути подоцна. И тука некаде исчезна желбата да се направи пресврт, а гостите мајсторски ја умртвија играта. На следната прилика се чекаше се до 80-тата минута кога Илијоски со силен волеј ја погоди мрежата, но но од надворешната страна. Можеби правдата ќе беше задоволена на две минути пред крајот на регуларниот дел, кога одбраната на Металург го заборави дефанзивецот Петров, кој не успеа да се снајде во улогата на шпиц и промаши од само десеттина метри.
По овој (не)очекуван пораз, фудбалерите на Силекс го девалвираа освоениот бод од претходното коло, од тешкото гостување на Работнички.  О.Арсовски


Mинута по минута...
7' Љамчевски нафрли на пеналтикот, а Ејупи со глава го лобува Божиновски, но го префрли голот
9' Крстев распали од 30 метри, Божиновски во првиот обид е несигурен, но во вториот ја поправи грешката
15' Заревски повлече секавична контра, несебично го пронајде осамениот Николиќ, кој од ;иста позиција, од петнаесеттина метри го промаши голот
23' Атлески бие од 20 метри, но за малку непрецизно
33' Бекот Васов продре по левата странична позиција, иделно нафрли на петерецот, каде Нацев за дел од секундата задоцни и за десеттина сантиметри го промаши голот
34' Крстев силно бие од слободен удар, топката поткачи некого и заврши над пречката на домаќините
37' ГОЛ 0-1 Инспирираниот Илијоски мајсторски прими топка на 20 метри од голот, се загради добро, се намести добро и со силен удар во левиот горен агол му донесе водство на Металург
38' Нацев со глава бие крај дирекот
58' Високиот Заревски од само 6-7 метри го префрли голот на веќе паднатиот Ефремов
80' Илијоски упати вистинска волеј-бомба од 25 метри, но недостигаа 20-тина сантиметри да заврши во голот
88' Петров се дограби до една топка-отпадок на пеналтикот, но млитаво биеше и го промаши голот

Изјави
Ане Андовски
"Во првиот дел создадовме неколку зрели прилики кои не ги искористивме. Тогаш да постигневме гол, ќе беше друга приказна во продолжението на мечот. Металург си ја искористи шансата по една лоша интервенција на нашата одбрана и заслужено стигна до трите бода", изјави Андовски.

Жикица Тасевски
"Мислам дека публиката во Кратово присуствуваше на еден интересен и отворен натпревар во кој и Силекс и Металург создадоа зрели шанси. Ние успеавме да искористиме една од нив и потоа рутински да го зачуваме водството. ова е голема победа бидејќи е извојувана против силен и квалитетен победник. Истата ќе ни биде силна мотивација за понатаму", изјави стратегот на Металург
Силекс
Божиновски 2
Лампевски 2
Мишовски 2
Петров 2
Васов 2,5
Стојановски 1,5 ( 69' Дуриќ /)
Атлески 1,5 (59' Митевски1,5)
Николиќ 1,5 (77' Насевски /)
Темелков 1,5
Заревски 1,5
Нацев 1,5 

Металург
Ефремов 2
Петковски 2
Мемеди 2
Вајс 2,5
Кралевски 3
Митрев 2
Љамчевски 1,5 (60' Џуриќ 2)
Ејупи 2 (73' Тенекеџиев /)
Крстев 2,5
Начевски 2 (84' Крстески /)
Илијоски 3

од записникот:
Градски стадион во Кратово. Гледачи 700. Главен судија: Горан Спиркоски Помошници: Љупчо Димевски и Зоран Костоски (сите од Прилеп)
Делегат: Горан Гаврилов (Пробиштип)
Стрелци:   Илијоски 37' (М)
Жолти картони: Вајс, Кралевски, Крстев (М)
Играч на натпреварот: Блаже Илијоски (М)
Статистика
5     корнери     3
9/4      удари вкупно/во гол   7/4  
2      офсајди        4
13      фаули за      22
/     ж.картони      3 









Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.