gogo

A+ R A-


Силекс - Металург 2-1

Николиќ ги стопи металурзите

пишува - Оливер Арсовски

Големиот фаворит и претендент за титулата конечно падна во Кратово. Откако на претходните пет гостувања тимот на Металург дури четирипати заминуваше со полн плен, во шестото гостување мораше да замине со наведната глава. Голема победа забележаа фудбалерите на Силекс, триумф кој дава крилја во остатокот од сезоната да се избори директен опстанок во лигата.
А полош почеток на мечот за домашниот тим не можеше да постои. Прва акција на гостинскиот тим, течеше 40-тата секунда од мечот кога Баже Илијоски  избегна офсајд-замка и непречен од никого, распали со полуволеј од 15-тина метри. Божиновски немаше време ниту да трепне, а ударот заврши под пречката на голот. Раното водство ги пресече домашните фудбалери, а публиката намириса уште една реприза на претходните пет дуели одиграни во Кратово. Збунетите и конфузни кратовци можеше да ги казни најпрвин Начевски, а потоа и Љамчевски, и да го дотолчат противникот уште во првите 10 минути.
Сепак, кратовци успеаја да се соземат и во 20-тата минута да го упатат првиот удар кон голот на Ефремов. Тоа како да беше најава за она што се случи во 25-тата минута, кога кратовци стигнаа до израмнување. Стојановски изведе корнер, Темелков со глава од само неколку метри ја погоди пречката, топката му се врати повторно на глава, следуваше и втор, овојпат прецизен удар, а за секој случај топката пред самата гол-линија ја турна во мрежата Стојанче Насевски. Тоа беше трет погодок за младиот напаѓач на последните три дуели.
Од овој момент живна играта на кратовци, се редеа убави акции пред голот на Ефремов, но секогаш недостигаше оној завршен удар. На спротивната страна и металурзите не останаа покуси, имаа зрели прилики преку Илиевски, и особено онаа на Начевски во 70-тата минута, кога од само неколку метри не успеа да упати прецизен удар. И кога сите на стадионот помислија дека мечот ќе има мирољубива завршница, за целосен пресврт во корист на Силекс се погрижи српскиот интернационалец Милан Николиќ. Нововлезениот Нацев ја искористи својата свежина и во полн трк побегна на гостинската одбрана, прецизно центрираше до осамениот Николиќ, кој од десеттина метри неодбранливо биеше во мрежата на гостите. Победничкиот погодок предизвика ерупција од радост на теренот и трибините, а преостанатите неколку минути до крајот на мечот кратовци рутински ги одиграа, не оставајќи можност избраниците на Тасевски да се обидат да стигнат до бод.  

Николиќ стрелец на 1000-тиот погодок за Силекс

Фудбалерите на Силекс дочекаа да се радуваат на 1000-тиот прволигашки погодок, откако се игра фудбал во независна Македонија. Радосниот момент се случи на пет минути пред крајот, кога српскиот интернационалец Милан Николиќ ја затресе мрежата, поставувајќи ги конечните 2-1.
-Во мигот кога го постигнав победничкиот погодок, не знаев дека тоа е јубилејниот 1000 гол за мојот тим. По завршувањето на мечот дознав за овој податок и тоа ме прави пресреќен, бидејќи моето име на некој начин влегува во историјата на клубот - ни рече расположениот Николиќ.

Брилијантно судење на Мантев

Судиската тројка од Неготино, предводена од Петар Мантев, на брилијантен начин го водеше вчерашниот меч. Вакво европско судење, без ниту една забелешка од актерите на теренот, одамна не сме виделе на теренот во Кратово. А само пред четири дена кратовци фрлаа дрвја и камења по штипјанецот Стојанче Стојанов, кој буквално ги ограби на гостувањето кај Ренова.

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.