Потона ли и дефинитивно бродот на Силекс или сеуште има некаква надеж дека опстанокот ќе биде изборен? По несреќното реми без голови против кичевски Напредок, допрено е дното, кратовци за првпат сезонава се „фенерџии“. Атмосферата во редовите на трикратниот првак по ремито рамно на пораз беше траорна, наведнати глави и по некоја солза во очите, свесни дека шансите да се опстане во прволигашкото друштво се сведени на теорија. Сега пречката која треба да се мине на табелата не е само Пелистер, туку и Тетекс.
А кога ќе се погледне хронологијата на настаните на вчерашниот меч во Кратово, навистина е чудо како кратовци останаа покуси за три бода. „Црвено-сините“ добија се што е потребно да се приведе еден меч во мирна завршница, рутински да се обезбедат бодовите и да се подигне атмосферата пред тешкото гостување на Металург.
Се играше првата минута, некаде триесетата секунда, кога главниот судија Мечкаровски оправдано го исклучи Александар Василев по стартот од зад грб врз Ѓорѓиев на работ од шеснаесетникот. Ваков „подарок“ ретко се добива на еден меч, но за волја на вистината, во текот на целиот меч воопшто не се забележа дека кратовци имаат играч повеќе на теренот. Освен заканите на Павловиќ и Велинов од слободен удар, кратовци не сторија ништо повеќе во првиот дел.
Вториот дел донесе далеку поатрактивна игра, многу повеќе динамика и шанси на извонредно тешкиот терен за игра. Две колосални прилики пропуштија Павловиќ и Марков за само две минути. Прво во 64-тата минута Павловиќ од само неколку метри со глава го утна голот, а во следната акција Марков излезе очи в очи со Пашовски, но биеше во неговото тело.
Голема „неправда“ за која е виновен калливиот терен видовме во 80-тата минута, кога Велинов побегна на гостинската одбрана и откосо, по земја, го совлада Пашовски. И кога сите ја видоа топката во мрежата на гостите, таа неочекувано „заглави“ во калта на еден метар пред гол-линијата и опасноста беше отстранета.
Наградата за вложените напори на домашните фудбалери стигна во 86-тата минута, кога еден гостински фудбалер несмасно интервенираше на работ од шеснаесетникот, а Мечкаровски без размислување покажа на белата точка. По мешаницата која настана на пеналтикот, втор жолт картон и исклучување заработи капитенот на Напредок, Жарко Симјаноски. Одговорноста во тие мигови ја презеде напаѓачот Велинов, упати силен удар полувисоко во десниот агол, но Пашовски му ја прочита намерата и одбрани.
По утнатиот пенал на кратовци, настана мачна атмосфера на теренот. Тренерот на кичевци Бочевски ги загуби нервите, жестоко реагирајќи на некои одлуки на Мечкаровски, замерувајќи за недосуден пенал. Од клупата на кратовци возвратија со провокација, па резервниот голман Митковски предвреме беше испратен во соблекувалните. Само што се тргна од центарот, нови немили сцени на теренот. Кошкање меѓу Ѓорѓиев и Петрески проследено со плукање, а епилогот е уште два директни црвени картони, за вкупно пет на мечот.
За да спречи уште поголеми инциденти на зелениот терен, Мечкаровски несфатливо го продолжи мечот за само три минути, недоволни некој од тимовите да стигне до трите бода. Оливер Арсовски