Продолжи проклетството со Металург
пишува - Оливер Арсовски
И во шестиот дуел против скопски Металург, фудбалерите на Силекс не успеаја за прв пат да ја вкусат сласта на победата. Последниве две години „металурзите„ се ноќна мора за кратовци, забележаа дури четири триумфи, а одиграа само две реми средби. Згора, кратовци само двапати гостуваа на Железарница, а дури четирипати се покажаа како гостопримливи домаќини подарувајќи им ги бодовите на скопјани. Завчера традицијата продолжи, кратовци одиграа анемично и речиси без поголема борба беа поразени. Поразот го призна и бекот Зоран Шалевски, кој по повредата на Даниел Лампевски е стартер во тимот.
„Составот на Металург влезе далеку помитивирано во мечот, со далеку поголема желба да ги освои бодовите кои го зацврстија на третата позиција која води на евро-сцената. Тоа не значи дека кај нас отсуствуваше желбата за победа, но сепак одигравме слабо прво полувреме, а во вториот дел не ги искористивме шансите по водството на скопјани. Навидум сме далеку од баражот, на сеуште безбедното петто место и со солидна предност пред конкурентите, но сепак мора да бидеме крајно внимателни и да не дозволиме предноста да се стопи. Тоа значи дека ни се потребни уште бодови, а нив ќе ги побараме уште на следната средба, на гостувањето кај фаворизираниот Работнички, кој повторно ги врати надежите за титула и сигурно ќе биде максимално мотивиран„, вели битолчанецот во дресот на Силекс, Зоран Шалевски.
Кога сме веќе кај традиционално незгодните противници, Силекс во изминативе 2-3 години имаше уште полоша серија од оваа со Металург. За потсетување, кумановско Милано е најнезгодниот противник за кратовци, затоа што немаше пораз од Силекс осум меча во серија, се до август минатата година. Тогаш поради финансиски проблеми настапија со младинци и кратовци конечно успеаја да ги победат дури во деветата меѓусебна средба.