gogo

A+ R A-


Силекс - Охрид 1-0

Силекс пресилен за охриѓани, Насевски човек на одлука

текст и видео - Оливер Арсовски

&feature=channel_video_title

 

Дуелот меѓу најпријатните изненадувања во досегашниот тек од првенството заврши со заслужена победа на Силекс од 1-0. Охриѓани иако најавуваа дека скапо ќе ја продадат кожата во Кратово, сепак одиграа блед натпревар во кој беа поразени и четвртата позиција повторно им ја препуштија на фудбалерите на Силекс. Моментот на одлука се случи во 28-та минута, кога лукавиот Стојанче Насевски одлично се снајде на петерецот по центаршутот на Заревски и со глава ја заби топката под пречката на немоќниот Костуранов. Се до тој момент топката беше претежно во посед на гостинските фудбалери кои пропуштија две-три шанси да дојдат до рано водство.

Во вториот дел играта комплетно ја презеде домашниот тим, не дозволувајќи охриѓани да создадат посериозна прилика пред голот на Божиновски. Од друга страна победата можеше рано да биде осигурана со втор погодок, но на двапати Костуранов успеваше да ги скроти незгодните удари на Темелков, првиот во 48-та, а вториот во 51-та минута. Колосална прилика пропушти и Насевски во 61-та минута, кога од само 7-8 метри со глава го утна голот.

Во самиот финиш на мечот, втор жолт картон и исклучување заработи српскиот интернационалец Мирко Јовановиќ, откако непотребни играше со рака во близина на корнер знаменцето. Токму по тој прекин, целиот труд на кратовци можеше да се урне како кула од карти, кога при една мешаница пред голот на Божиновски, топката профуче десеттина сантиметри над пречката.

Како и да е, сосема заслужена победа на кратовци, тоа по мечот го призна и казнетиот тренер на гостинската екипа, Драган Антиќ. Сега четата на Ане Андовски ја очекува нов дуел во вторник и повторно на свој терен против Тетекс, по кој кратовци со евентуален триумф дефинитивно ќе ја истакнат кандидатурата за излез на евро-сцената.

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.