Глигоров пред портите на Левски
пишува - Оливер Арсовски
По шест години минати во дресот на Силекс, универзалецот Глигор Глигоров (23) летово со сигурност ќе се пресели во странство. Откако зимава не успеа да направи трансфер во балканските гиганти Хајдук и Партизан, деновиве уште еден реномиран клуб пројави интерес за него. Бугарските медиуми вчера јавија дека Глигор Глигоров се наоѓа на проба во софискиот клуб Левски, каде ќе остане во следните неколку дена. Таму настапува и Дарко Тасевски, а годинава имаа разочарувачка сезона завршувајќи во првенството зад Литекс и ЦСКА. Затоа летово се во потрага по квалитетни фудбалери кои повторно ќе го вратат клубот на старите патеки. Бугарските медиуми шпекулираат со трансферна сума од половина милион евра која раководството на Левски без проблеми ќе ја плати бидејќи Глигоров има слободни документи и заминува без обесштетување.
Глигоров во досегашната кариера има настапувано само во дресот на Силекс, каде забележа 112 настапи и 14 погодоци. Лани дебитираше и во дресот на репрезентацијата на пријателскиот меч со Иран, а претходно ги мина сите репрезентативни скалила во помладите селекции.