Силекс - Тетекс 0-1
Глигоровски му пресуди на Силекс
Силекс
Божиновски, Костадиновски, Мишовски, Петров, Лампевски (56' И. Насевски), Стојановски, Бошковски, Митевски (67'Кочовски), Атлески, Нацев (46' С.Насевски), Заревски
Тетекс
Ма.Јовановски, Наумоски (82' Д.Јовановски), Мишковски, Ристов, Симовски, Ристевски, Пеев, Захариевски, Глигоровски (80' Урошевиќ), Исени (68' Ми.Јовановски), Радониќ
стадион во Кратово. Гледачи 400. Главен судија: Дејан Неделковски, помошници: Милош Милошевиќ и Зоран Бојанинов (сите од Скопје)
Делегат: Илија Јовков (Скопје)
Стрелци: 60' Глигоровски (Т)
Бранителот на трофејот во националниот Куп, тимот на Тетекс, без многу напори и со рутинска игра го совлада Силекс на гостински терен и речиси уште сега го трасираше патот меѓу најдобрите осум. Тоа што не им тргна од рака во саботата, кога беа блиску и до пораз, овојпат не дозволија да им се повтори против анемичните кратовци кои годинава се чини дека немаат никакви амбиции во Купот. Се виде уште во раната фаза на мечот дека двата тима ќе одиграат мирен меч, со многу малку прилики за гол, и без ниту еден доделен картон од страна на судијата Неделковски. За одбележување во првите 45 минути е ударот на Исени во 25 мин. кој Божиновски успеа да го одбрани, како и двата непрецизни удари на Нацев и Стојановски во последните две минути пред истекот на првиот дел.
Во вториот дел и двата тима заиграа за нијанса поангажирано и тоа даде резултат. Првин Радониќ од мртов агол, при обид да центрира, ја погоди пречката на домашниот гол, а некоја минута подоцна Заревски излезе сам пред гостинскиот гол, но се сплетка и го промаши голот. Казната стигна во 60 мин, во изведба на двајца поранешни играчи на Силекс. Ветеранот Срѓан Захариевски одлично центрираше од левата страна, го погоди точно во глава осамениот Глигоровски, кој од пеналтикот рутински стрелаше во десниот горен агол на Божиновски. Од тој момент до крајот на мечот фудбал речиси и да не се играше, бидејќи гостите ја умртвија играта, а домашните како да немаа желба да сторат нешто повеќе.
Интересно е што на овој меч за првпат заедно во тимот на Силекс заиграа браќата Стојанче и Иванче Насевски, кои би требало да бидат светла иднина на тимот од Кратово.