Кратовци се „лекот“ за Работнички
пишува - Оливер Арсовски
Кога Силекс го пречекува Работнички, традицијата е немилосрдна. Стариот „муштерија“ Работнички и овојпат не успеа да му парира на расположениот состав на кратовци, кои доста се намачија, но успеаја да ја остварат целта, а тоа се нови три бода. Фудбалерите на Силекс на осми меч по ред докажаа дека се алергични на „романтика“, и со погодоците на Ѓорѓи Марков од пенал и на Ангел Нацев му го нанесоа третиот пораз во низа на Работнички. Стрелец за гостите беше Душан Савиќ кој набргу по погодокот за израмнување, го заработи и вториот жолт картон и предвреме замина во соблекувалната. Статистиката вели дека Силекс со победата од 2-1 го забележа четвртиот последователен триумф на домашен терен против скопјани, а што е уште поинтересно, по една третина од шампионатот кратовци го минаа Работнички на табелата и се закотвија на 4-тата позиција.
Но, да одиме со ред. Прва посериозна акција на домаќините во 7-та минута, во шеснаесетникот е соборен Нацев, а судијата Бошков покажа најстрога казна. Долго време негодуваа гостинските фудбалери, но судиската е секогаш последна. Марков го изведе пеналот, Ников заврши во едниот, атопката во спротивниот агол за голема радост на стадионот во Кратово.
Сепак, радоста на кратовци траеше кратко, затоа што седум минути подоцна по еден контранапад на гостите, Савиќ му донесе израмнување на својот тим.
Вториот дел започна со иницијатива на кратовци, а погодокот што на крај се покажа како победнички, се случи во 52 минута. Една длабинска топка во срцето на гостинската половина, ја дочека подготвено нацев и со мајстроски лоб-удар ја упати зад грбот на немоќниот Ников.
Многу врева се крена во 59-тата минута, кога судијата Бошков на асистенција на помошникот Петров му поништи погодок на тимот на Работнички. На жолчните реакции од клупата на Работнички им немаше крај, па по неколку минути арбитарот Бошков го испрати на трибините помошниот тренер Драги Стефановски. Во меѓувреме зовре и на теренот, каде Душан Савиќ по еден остар старт го заработи својот втор жолт картон и замина пред време под туш.
Последната можност за израмнување ја пропуштија гостите на петнаесеттина минути пред крајот, кога го погодија дирекот на домашните.
Силекс: Божиновски, Костадиновски, Атлески (Темелков), Петров, Мишовски, Стојановски, Лампевски, Јовановиќ, Насевски, Марков (Заревски), Нацев (Митевски)
Работнички: Ников, Брдаревски, Урдинов, Стојанов (Петковски), Ќумбев, Тодоровски, Велковски, Маневски (Ангелов), Деспотовски, Муарем, Савиќ,
стрелци: Марков (пен) 7 мин, Нацев 52 мин (СИЛ), Савиќ 14 мин (РАБ)
судии: Зоран Бошков, Илија Гонев, Марјан Петров