текст, фото и видео - Оливер Арсовски
Осум погодоци и безброј шанси, симултанка на Исени, еден во два, 7+... Ова беа главните белези на вчерашниот "луд" меч во Кратово, во кој кратовци по само 20 минути игра беа на "седмо небо", а во вториот дел беа буквално прегазени и турнати во бездната. Несфатливо слабата игра на пулените на Горан Петрески беше казнета со два погодоци уште во раната фаза на мечот, кога првин Ѓорѓиев, а потоа и Коњарски од пенал најавија катастрофа за Работнички. Можеби и ќе се случеше такво нешто доколку судијата Ангелов имаше храброст да покаже на белата точка при крајот на првиот дел по стартот над Лампевски. И тука некаде заврши приказната на кратовци, а на дело стапи "романтиката" на дебармаалци. Верувале или не, за само 14 минути, или поточно во периодот меѓу 56-та и 69-та минута, Генц Исени ги имаше своите најблескави минути во кариерата, постигнувајќи четири погодоци за голем пресврт и водство од 2-4. Постигнувал Исени и минатите сезони голови во Кратово, ама овојпат одигра симултанка, постигнуваше погодоци од шега, како да е тоа најлесната работа на светот.
Работите дополнително се искомплицираа благодарение на голот на нововлезениот Заревски, кој за само половина час игра направи дар-мар во одбраната на Работнички и покажа дека е голем играч кога е расположен за игра. Осоколени по голот, кратовци до крајот притиснаа со сите сили и малку недостигаше да израмнат. Двапати Шишковски спречуваше чисти погодоци по ударите на Заревски, а двапати С.Насевски утнуваше од стопроцентни прилики. И кога веќе кратовци играа без ниту еден играч на својата половина, во судиското продолжение К.Велкоски му сервираше топка на Ристовски за конечни 3-5.
Минута по минута...
4' 1-0 Катастрофална проценка на голманот Шишковски, по која Коњарски му сервираше топка на пеналтикот на Ѓорѓиев, кој со глава го погоди празниот гол
10' Ѓорѓиев со глава биеше крај дирекот
18' Велинов нанижа двајца фудбалери, но во последен миг беше изблокиран
20' 2-0 Повторно слалом на Велинов, влезе во шеснаесетникот каде беше соборен од Цветковски за најстрога казна. Реализатор беше Коњарски, упатувајќи прецизен удар под пречката
31' Исени упати удар од далечина, но Божиновски брани
37' Тодоровски упати силен удар, топката поткачи некого и заврши сантиметри крај голот
42' Исени упати бомба од 25 метри, но Божиновски бравурозно одбрани
52' Исени излезе сам пред голот на Силекс, го лобуваше голманот, но на еден метар пред гол-линијата, домашната одбрана расчисти. Во продолжение на акцијата, К.Велкоски од само 10 метри се посрамоти, утнувајќи го голот
56' 2-1 Несфатлива грешка на Лампевски и Миневски, кои наместо да интервенираат на петерецот, немо го гледаа Исени кој со глава го совлада немоќниот Божиновски
62' 2-2 Тодоровски побегна по десната страна, упати остар центаршут на подалечниот дирек, каде натрча Исени и од 5-6 метри го израмни резултатот
64' Лампевски маестрално нафрли, а С.Насевски пропушти колосална шанса да забие со глава од 10 метри
65' 2-3 Уште еден кикс на домашната одбрана, топка украде Исени, се прошета во шеснаесетникот и пласираше под телото на Божиновски
69' 2-4 Нафрлување во срцето на шеснаесетникот, таму највисоко скокна Исени и со глава го зголеми водството
75' 3-4 Коњарски упати прецизен центаршут, а Заревски со глава заби за нова надеж за кратовци
77' Заревски од слободен удар гаѓа во горниот десен агол, но Шишковски на чудесен начин одбрани
83' Повторно Заревски упати вистинска бомба од слободен удар, но Шишковски со колено одбрани
87' С.Насевски излезе сам пред гостинскиот голман, но го утна голот
90+2 3-5 К.Велкоски повлече брза контра, несебично го програ Ристовски, кој првин го легна Божиновски, а потоа пласираше во празната мрежа
Изјави
Љубодраг Милошевиќ
"Разочаран сум од развојот на настаните. Имавме игра во првиот дел, имавме резултат кој требаше да не одведе до три бода, но се случи нешто необјасниво со моите играчи во второто полувреме. И мене не ми е јасно како можевме толку да паднеме во вториот дел и да примиме дури пет погодоци", изјави стратегот на Силекс
Горан Петрески
"Имам млади фудбалери кои заради различни репрезентативни обврски немаа континуирани тренинзи во последните десеттина дена. Тоа се почувствува во играта, и многу лесно примивме два погодоци. На полувреме им реков дека верувам во нив, дека можеме на противникот да му дадеме три погодоци. На крај излегоа не три, туку пет погодоци, за што им честитам на фудбалерите", изјави стратегот на Работнички
&">&;feature=youtu.be