gogo

A+ R A-


Силекс се намачи со Победа, а можеше да води 4-0 на полувреме

altПо седумгодишна пауза, старите познаници Силекс и Победа повторно дочекаа да имаат прволигашка пресметка. Верни на традицијата кога играат овие две екипи, така и овојпат мечот изобилуваше со динамика, шанси, остри стартови и неизвесност во сите деведесет минути. Публиката, која на овој меч дојде во поголем број, а меѓу нив имаше и триесеттина гостински навивачи, виде три погодоци, два во мрежата на гостите, а еден во мрежата на домаќинот.
Што се однесува до мечот, фудбалерите на Силекс и овојпат, како и многупати досега, одбраа да го изодат потешкиот пат до трите бода. Кратовци по раното водство уште во седмата минута, пропуштија во првиот дел да реализираат дури четири стопроцентни прилики за гол. И наместо да го решат мечот уште во првиот дел и да ја наполнат мрежата на Манчевски до врв, домаќините дозволија да примат погодок на почетокот на вториот дел. Потоа следуваше од по жица, бркање втор погодок, но и ризик преку брзите контранапади на прилепчани да се остане и без еден бод. Но, среќата ги следи храбрите и иницијативата на кратовци резултираше со погодок на Недељковиќ во 79-тата минута, за големо славје на трибините.
Но, да одиме со ред. По пропуштената можност на Пановски во четвртата минута, кратовци поведоа во седмата минута. Глигоров одлично нафрли на подалечниот дирек, а Танушев со глава реализираше за водство од 1-0. Две одлични можности за гол пропуштија Недељковиќ и Каланоски, односно Манчевски успеа да ги скроти нивните удари. Вистинско чудо е што успеаја да утнат Глигоров и Недељковиќ во 37-ма и 39-та минута. И двајцата излегоа очи в очи со Манчевски и од идеални позиции не успеваа да стрелаат во рамките на голот. Во последните секунди од првиот дел Пановски ја погоди пречката, откако Манчевски со врвот на прстите успеа да и го смени правецот на движење на топката.
И кога се чинеше дека индиспонираниот состав на Победа во вториот дел ќе доживее вистинска катастрофа, се случи погодокот на Гешоски. Искусниот стрелец во 52-та минута со глава успеа да го измами Вујанац и да ги казни промашувањата на Силекс од првиот дел. Прилепчани можеа да дојдат и до целосен пресврт во 66-та минута, кога Колески биеше над пречката.
Ова како да ги освести кратовци, кои тргнаа силовито во напад и веќе во следната минута Пановски со глава ја погоди пречката. И Џонов имаше извонредна можност да погоди, но Манчевски со нова бравура спаси погодок. Некоја минута подоцна Танушев се обиде од 20 метри, но за малку непрецизно.
„Викторијата“ пред голот на Победа резултираше со најстрога казна во 79-тата минута, кога Ристески стартуваше врз Недељковиќ во сопствениот шеснаесетник, а судијата Мустафи покажа на белата точка. Одговорноста ја презеде Недељковиќ и со одмерен удар донесе водство за својот тим.
Иако до крајот на мечот останаа уште 12-13 минути, сепак, гостите не успеаја да создадат ниту една сериозна шанса за гол, додека кратовци се ориентираа на чување на предноста и на крајот успеаја да ги освојат првите бодови во новата сезона. О.Арсовски

Гол...

1-0 7’ Глигоров побегна по десната страна и прецизно центрираше до главата на Танушев, кому не му беше тешко да се поклони од 7-8 метри за ерупција од радост на трибините
1-1 52’ Уфрлување во шеснаесетникот на Силекс, на пеналтикот највисоко скокна Гешоски и со глава го совлада Вујанац
2-1 79’ Недељковиќ е соборен во шеснаесетникот на Силекс. Истиот играч ја изведе најстрогата казна, биејќи прецизно во десниот агол на гостинскиот гол
Момчило Митевски

Честитки за моите играчи за прикажаната игра и освоените бодови. Постигнавме ран погодок и на полувреме веќе требаше да водиме со 3-0. Нашата неефикасност од првиот дел беше казнета со израмнувачки погодок. Сепак, извршивме дополнителен притисок и стигнавме до трите бода во финишот од средбата. Наместо рутински да ги освоиме бодовите, дозволивме до крајот на мечот да стравуваме за исходот на овој квалитетен меч, истакна стратегот на кратовци.
Дарко Крстески

Првото полувреме го одигравме со преголем респект кон противникот, кој, впрочем, со ланскиот пласман на табелата заслужуваше такво нешто. Во вториот дел се ослободивме од притисокот, одигравме далеку похрабро и тоа ни донесе резултат. Клучен момент беше пеналот, за кој не сум убеден дека постоеше. Сепак, ќе се воздржам да го коментирам судењето и ќе оставам надлежните органи да ја погледнат снимката од мечот, изјави тренерот на Победа.

Додади коментар


Кодот на сликата Освежи

© 2015 - Аберџија. Сите права се задржани.  Порталот е хостиран и спонзориран од Surfree. Креиран од Мартин Марковски.