По само три недели на кормилото на Силекс, новиот тренер Љубодраг Милошевиќ започна да ја гради физиономијата на тимот за следната сезона. Вкупно шест засилувања пристигнаа во Кратово, а деновиве се очекува да потпишат уште неколку имиња. Од штипска Брегалница пристигнаа напаѓачите Никола Георгиев и Стојанче Велинов, а одбраната е засилена со стоперот Бобан Крстевски од 11 Октомври. Најмногу се засили средниот ред со ангажманот на српскиот интернационалц Миљан Мијатовиќ (Синѓелиќ) и талентираните Благојче Коњарски (Македонија ЃП) и Никола Димовски (Маџари).
-Екипата на Силекс ја краси младоста и борбеноста, веднаш ја почувствувавме другарската атмосфера. Доаѓаме во Кратово за да му помогнеме на тимот да избори што подобар пласман на табелата – велат новите засилувања.
Останува дилемата дали кратовци во новата сезона ќе влезат посилни, имајќи предвид дека тимот го напуштија докажаните фудбалски имиња Александар Темелков, Ангел Нацев и Борјан Стојановски, но и интернационалците Марко Несторовиќ, Мирко Јовановиќ и Борислав Бајиќ.