Попладнево во 17ч. се играат средбите од 3-тото второлигашко коло. Составот на Силекс кој беше најавуван како второлигашки „дрим-тим“, по одиграните две кола се уште не ја пронашол вистинската форма. Кратовци заедно со Зајас се единствените тимови во второлигашката конкуренција без погодок. Најголемата болка на „црвено-сините“ е напаѓачката линија, немањето класичен шпиц чија поддршка би биле актуелните напаѓачи Велинов и Ѓорѓиев.
-Се надеваме дека проблемот, барем во следните шест месеци, ќе го решиме со ангажманот на Ѓорѓи Заревски. Тој не успеа да се избори за првотимски статус во дресот на Вардар и доаѓа како отстапен играч до крајот на есенската полуетапа. И покрај честите повреди, тој последниве неколку години постигнуваше многу погодоци во дресот на Силекс, па очекуваме така да биде и понатаму – истакнаа од таборот на Силекс.
Денес во Кратово гостува екипата на Тиверија. Силекс досега освои за своите амбиции „скромни" два победа и дуелот со Тиверија е шанса да ја забележи првата второлигашка победа. Новолигашот има еден триумф и со своите игри потврди дека има солиден тим кој може да ја исполни задачата да избори опстанок.
Екипата на Новаци потврда на добрата форма очекува против аспирантот за висок пласман Руфеја. Домаќините се свесни дека распродажбата на бодови може да ги турне во опасната зона и затоа најавуваат игра на победа. Досега на две меѓусебни средби Руфеја победи со 1-0 во Новаци и 4-1 на свој терен.
Вистински шлагер на колото е пресметката помеѓу водечките екипи на табелата, Маџари и Врапчиште. Двете екипи собраа по 6 бода до сега и ова е можност да се потврдат прволигашките амбиции.
Тетекс е домаќин на 11 Окомври и е во улога на голем фаворит против екипата која досега освои само еден бод.
Посебно внимание привлекува дуелот во Прилеп каде Миравци патува по прва победа во дуелите со Победа но и во годинешново првенство.
Двете екипи собраа по два бода, и секој кикс ќе ги исфрли од битката за горниот дел на табелата.
Екипата на Корзо на Чаир игра со Локомотива и е голем фаворит за нова победа и враќање во горниот дел од табелата по поразот од ФК Скопје.
Во Велес гостува екипата на Скопје која ќе се обиде да го изненади Борец кој најави дека ќе биде цврст домаќин. Гостите го сакаат врвот, а домаќинот опстанокот. Затоа се очекува жестока битка за бодови.
Истата приказна ќе биде и во Кичево каде Зајас е во подредена улога во дуелот со Дрита но се надева дека со борбена игра и поддршка на публиката ќе може да ја оствари првата второлигашка победа.
Натпреварите од третото второлигашко коло се играат в сабота со поч. во 17.00.
СИЛЕКС – ТИВЕРИЈА
Главен судија Ѓорѓевски Далибор – Куманово
1 асистент Новачев Петар – Велес
2 асистент Манасиев Горан – Велес
4 судија Величков Боби – Велес