По низата турбуленции кои деновиве се случуваат во редовите на Силекс, кратовци утре заминуваат веројатно на најтешкото гостување по кое и дефинитивно ќе бидат далеку појасни натамошните амбиции на кратовци. Амбициите за опстанок не се сосема згаснати, се додека има теорија ќе се бркаат бодови, а првата шанса е веќе утре во 20 часот на „Филип втори“ арената против гигантот Вардар.
Тоа е предупредување за црвено-црните кои по серијата слаби игри и резултати го загубија лидерското место на табелата, но се свесни дека со серија на победи и добри резултати можат да си го повратат приматот:
„Влегуваме во потребниот ритам, поточно, сакаме да се вратиме во победничка серија. По победата над Дрита на гости, утре ни гостува Силекс, кого дефинитивно нема да го потцениме како противник, но, планираме да ги освоиме трите бода. Само со серија од победи до крајот на првенството можеме да ја оствариме целта, да ја одбраниме шампионската круна"-изјави капитенот Милан Илиевски.
Силекс против Хоризонт Турново одигра солиден натпревар и откако по неколкуте убави шанси на 1-1 не успеа да направи комплетен пресврт следуваше казна. За кратовци е најважно да ја повторат добрата игра, и се разбира секој бод на вакви тешки гостувања може да значи многу.
Во редовите на црвено-црните се враќаат Стјепановиќ и Бојовиќ. Вардар во првиот дел од првенството не успеа да слави во Кратово, но затоа во Скопје победи убедливо со 5-0. Кај кратовци вероатно ќе отсуствуваат суспендираните Лампевски, Павлови, Коњарски и Стаменковиќ.
Вардар и Силекс досега одиграле 42 натпревари на кои Вардар има 22 победи. Осум победи има Силекс од кои три на гостувањата во Скопје.
ВАРДАР – СИЛЕКС (сабота 20ч)
Главен судија Мустафи Фатон – Тетово
1 асистент Емурли Иса – Тетово
2 асистент Георгиевски Небојша – Тетово
4 судија Влахо Константин – Скопје