Вардар го фати последниот воз
пишува - Оливер Арсовски
За поразот на Силекс, кој патем пак ги враќа во опасната зона, никој не им е виновен, затоа што имаа зрели шанси мечот да го решат уште во првиот дел. Кога Заревски, Темелков и Насевски успеаја да промашат од изгледни позиции, тоа успеа да го казни бразилецот Фабио, кој на самиот истек на првото полувреме ја искористи асистенцијата од Вандаир и со глава го матира немоќниот Божиновски.
Во вториот дел се повтори истата слика од првиот дел, кратовци поконкретни во акциите, шансите се редат пред голот на Симов, но нема кој да реализира. Заревски, Нацев, Темелков, ударното трио на Силекс кое сезонава постигна над 20 погодоци, немаше свој ден. Од друга страна, одбраната на Силекс никогаш не била толку анемична, правеше несфатливи киксови по кои вардарци лесно влегуваа во прилика за гол. Една таква пропушти да реализира Фабио во 65 минута, кога од само неколку метри промаши празен гол. До крајот на мечот се обидуваа кратовци да постигнат израмнувачки погодок, но цврстата и искусна одбрана на Вардар предводена од Бојовиќ и Б.Џангаровски, не дозволи кратовци да се радуваат барем на бод. О.Арсовски
Шест екс-силексовци во Вардар
Дури шест поранешни играчи на Силекс се најдоа на теренот во Кратово, но овојпат во дресот на Вардар. Голманот Симов, браќата Џангаровски, трипуновски, Тодоровски и Ристевски во минатото го носеле дресот на кратовци. Можеби затоа Вардар играШе опуштено, затоа што шестмината фудбалери се чувствуваа како дома. Тука може слободно да се додаде и помошникот на Стратев, Туш Зефиќ, кој пред 20 години беше легенда на Силекс.
Искри меѓу Добре Иванов и Атанас Костовски
Веднаш по завршувањето на натпреварот дојде до краткотрајна расправија меѓу секретарот на Силекс Добре Иванов и претседателот на "црвено-црните" Атанас Костовски. Иванов спортски му ја честита победата на Таско со зборовите "добро работите", по што Костовски влезе во вербална расправија со него. Останува нејасно зошто Костовски реагираше толку жолчно, дали можеби си ја "ишкаше" мувата од капата, препознавајќи провокација и сарказам во зборовите на Иванов. За илустрација, уште пред завршувањето на мечот почнаа да се шират шпекулации дека неколку играчи на Силекс одиграле далеку под своето вообичаено ниво, а со тоа наводно "кумувале" на победата на Вардар.
Минута по минута...
5' Вандаир изведе слободен удар од 30 метри, но Божиновски со судни маки ја исфрли топката во корнер
16' Заревски излезе сам пред гостинскиот голман, но се обиде да дрибла, се сплетка и опасноста беше отстранета
26' Вистинска бомба од близу 30 метри упати Темелков, но голманот Симов со прекрасна парада ја запре топката која одеше во горниот десен агол
28' Несфатлива грешка на Петров, кој се обиде да дрибла во сопствениот шеснаесетник. Топката му ја одзеде Фабио, но кога се најде во ситуација еден на еден со голманот Божиновски, се сплетка и буквално му ја додаде топката
35' Николиќ уфрли во петерецот на гостите, таму се создаде мешаница по која Насевски упати удар во левиот долен агол. Голманот Симов извиси, но на самата гол-линија со лизгачки старт Вандаир спречи водство за домашните
44' 0-1 Вандаир испрати прецизен центаршут откосо, топката ја прелета комплетната одбрана на Силекс и стигна до главата на Фабио, кој со прецизен удар го матираше голманот Божиновски.
52' Васов упати силен удар од голема далечина, Симов само ја испрати со поглед, но за негова среќа топката заврши крај дирекот
54' Вандаир го лобува истрчаниот Божиновски, но Мишовски стигна да расчисти пред гол-линијата
58' Фабио упати прецизен удар, но Божиновски одбрани
62' Нацев го пронајде Заревски на вториот дирек, но ударот беше непрецизен
65' Фабио промаши празен гол од само 7-8 метри, откако Вандаир претходно го легна Божиновски и несебично му сервираше стопроцентна прилика на сонародникот
71' Нацев го префрли голот од само десетттина метри, иако можеше да бира каде ќе шутира
76' Заревски со глава утна од 12 метри
89' Нацев ја тресе мрежата, но само од надворешната страна
Изјави
Ане Андовски
"Целата екипа комплетно потфрли. Не само одбраната, туку во сите линии одигравме слабо. Плус не ги искористивме неколкуте прилики, и поразот беше неминовен", изјави стратегот на Силекс
Зоран Стратев
"Фудбалерите знаеја колку се значајни бодовите и масимално мотивирани влегоа во овој меч. Одигравме тактички мудро, затоа што знаевме колку квалитетна екипа има Силекс. Со овие три бода си ги зголемивме шансите за опстанок и се надеваме дека Вардар во следната сезона нема да игра во Втората лига", изјави стратегот на Вардар