Вардарци со бод во Кратово ја прославија есенската титула
пишува - Оливер Арсовски
Меч за фудбалски сладокусци одиграа играчите на Силекс и Вардар (1-1), потсетувајќи на деведесеттите години од минатиот век, кога ова беше најголемото дерби во македонскиот фудбал. И денешниот меч потсети на старото ривалство и можеби ќе значи почнување на ново спортско ривалство, затоа што и двата тима по подолг период се враќаат на старите патеки кога освојуваа титули и газеа се пред себе. Не паметат кратовци кога на трибините имало последен пат 1500 гледачи, а атмосферата дополнително ја зовреа околу 200 „комити“, кои не престанаа цели 90 минути да го бодрат својот тим. Можеби мала дамка на овој меч ќе фрли она што се случи по мечот, кога „комитите“ предизвикаа вистинска војна на улиците на Кратово, напаѓајќи еден жител на Кратово и оштетувајќи го неговото возило.
Што се однесува до настаните на теренот, таму сосема заслужено мечот заврши без победник. Вардар можеби за нијанса подобар, ја диктираше играта во поголемиот дел од мечот, имаше и рано водство преку бразилецот Лико, кој во 31-та минута со глава го матираше немоќниот Божиновски. Во првите 45 минути вардарци имаа зрели прилики и преку Петров и Цикарски, но истите останаа нереализирани. На спротивната страна и Силекс возврати преку Васов, Насевски и Бајиќ, но или беа непрецизни, или пак Захов беше на место.
Во вториот дел Силекс фрли се на една карта, а веќе по 6 минути игра Темелков можеше да израмни, но Захов одлично го одбрани неговиот удар под пречката. Вардар веднаш возврати преку Ивановски и Лико, но ништо од промена на резултатот. И кога веќе започнаа последните 15 минути да течат, кратовци тргнаа силовито кон противничкиот гол. Опсадата на „сино-црвените“ даде резултат во 80-тата минута, кога по една мешаница најдобро се снајде србинот Мирко Јовановиќ и го израмни резултатот.
Тука некаде спласнаа амбициите на двата тима да стигнат до трите бода, веќе кај двата тима немаше желба да се рзикува и рутински го приведоа мечот во мирна завршница и поделба на бодовите.