пишува - Оливер Арсовски
Утре (недела) во 15 часот се игра еден од најголемите македонски фудбалски дерби-мечеви меѓу Силекс и Вардар. Велам дерби не според позициите на табелата, затоа што сезонава Вардар е лидер по 6 одиграни кола, а Силекс, за жал, „фенерџија“, но дерби е секако според „тежината“ што ја имаат овие два клуба во македонскиот фудбал. Верувале или не, овие два клуба освоиле речиси половина од титулите во досегашните 20 сезони, Силекс трипати, додека Вардар шестпати го освојувал насловот. Ако на овие бројки ги додадеме и Куп-титулите, тука веќе станува јасно зошто колегите од спортската редакција на МТВ одлучија директниот пренос во ова коло да оди од Кратово, иако многумина сметаа дека приоритет требало да има градското дерби во Тетово меѓу Шкендија и Тетекс. Ако некој заслужува честитки во овој момент, тоа е секако националниот сервис МТВ кој утре ќе направи пионерски потфат за респект, ќе врши мултипренос од сите четири дуела во недела, со акцент на дуелот во Кратово, но и вклучувања во живо на останатите стадиони кога ќе падне погодок или некој поинтересен момент. Можеби уште е рано да говориме за некакво квалитативно поместување во мак-лигата, но пристапот на МТВ говори дека полека ќе се врати интересот кај публиката за случувањата на зелените терени низ земјава. Овој медиумски потфат се случува во врем
е кога речиси сите печатени медиуми несфатливо го заобиколија македонското првенство, одвојувајќи по 1/16 од ценетата страница за резултатите од тековното коло и евентуално табела, а во исто време одвојуваат и по половина страна за преглед на случувањата од, да речеме, италијанското Калчо. Не велам дека маклигата е поинтересна од Калчото, но сепак македонскиот љубител на фудбалот ги следел на ТВ сите случувања во Калчото и не му треба преглед од половина страна за да провери дали Пандев погодил во 66-та или пак тоа било во 67-ма минута. А во време кога се случува медиумски мрак на нашите македонски стадиони, кога никој не сака да ангажира новинар или не дај боже снимател (оти тоа чини пари, да, да, многу пари... една екипа составена од новинар и снимател ќе ја „кошта“ ТВ-јата колку 1 (една) секунда реклама во ударен термин или едно „милиметарско“ забутано ќоше со реклама во весник), за резултатите ќе дознаваме два часа подоцна. А многучесто и погрешно, како пред десеттина дена кога Силекс одигра 1-1 во Купот против Башкими, ама некој што „се дрзнал“ прв да ја објави информацијата не го погодил резултатот, па објавил 0-1, а македонските „копи-паст“ медиуми масовно ја раширија лагата.
Туку, да се вратиме на убавите нешта. Драги мои кратовци, ако веќе МТВ врши пренос од Кратово, тоа не значи да фатите бусија пред телевизорот, туку сите до еден на стадион. Златко Калински ќе го слушате и друг пат на ТВ, а сега му треба поддршка на тимот на Силекс, за кој до скоро велевте дека не е кратовски клуб затоа што немал кратовски фудбалери. Сега работите се променети, тука се „кратовските деца“ Лампевски, Миневски, браќата Насевски, Митевски, злетовецот Божиновски, сосема доволно да се отиде на трибина и да се парира на скопските „Комити“, кои и овојпат се очекува да направат фешта во Кратово. На Силекс му е потребна победа, ако сакаме и догодина да гледаме прволигашки фудбал. Да потсетам дека Силекс и Вардар се единствените два клуба кои досега не испаднале од елитното друштво (додуша, Вардар испадна, но се фузираше со Миравци), а тоа значи дека на Силекс не му личи даигра фудбал во Врапчиште или Милетино. На Силекс му се неопходни три бода, Вардар може слободно да загуби, и онака нема кој да го запре годинава...
Мојот тип е фикс 1, за возврат предлагам „Комитите“ овојпат да не плаќаат билет од 300 денари, туку бесплатно и на време да бидат пуштени на трибината, а колегата Калински да заборави дека во тие 90 минути е симпатизер на Вардар и да „обзнани“ на крајот една голема победа на кратовци...