Победите го наполнија џебот
пишува - Оливер Арсовски
Фудбалерите на Силекс влегоа во победничка серија која трае повеќе од еден месец, која прилични ги наполни џебовите на играчите и стручниот штаб. По двете нерешени средби со Брегалница и Тетекс, кратовци во серија ги поразија Работнички, Металург, Пелистер и Ренова, и се приближија кон врвот на табелата.
-Кога има резултати, има и пари. Оваа серија од шест меча без пораз на стандардните првотимци им донесе премии над 1.000 евра, што е силен стимуланс да продолжиме со победите - велат пресреќните играчи на Силекс.
Со голем оптимизам во вториот круг од лигата влегува и тренерот Ане Андовски. Тој верува дека овој тим има блескава иднина.
-На сите скептици кои не веруваа во овој млад и неискусен тим конечно им затворивме уста. Ни предвидуваа испаѓање од лигата, а ние веќе почнуваме да размислуваме за врвот на табелата - вели искусниот стратег на кратовци.