Уште во своето неофицијално деби во дресот на узбекистанскиот првак Бунјодкор, повремениот македонски репрезентативец Стевица Ристиќ покажа дека тренерот Фелипе Сколари не згрешил што го ангажирал. Само осум дена му беа доволни на Ристиќ да се адаптира во новата средина за веќе во првиот меч за својот клуб да ја тресе мрежата на украинскиот клуб Металист Харков.
„Презадоволен сум од мојот деби-настап во златно-жолтиот дрес на Бунјодкор, бидејќи веднаш се запишав во листата на стрелци. Токму мојот погодок го одлучи победникот, бидејќи мечот го добивме со резултат 1-0. Морам да потенцирам дека против себе го имавме извонредно квалитетниот состав на Металист Харков, кој по есенскиот дел во украинското првенство се наоѓа на чекор зад Динамо Киев и Шахтер Доњецк. Задоволен сум од настапот, иако сме на почеток од подготовките и физички сеуште не сум максимално спремен„, рапортираше Ристиќ од далечниот Дубаи.
Македонскиот интернационалец за првпат имаше можност да настапи во составот со еден фудбалски великан како Ривалдо. Тој не го криеше својот восхит од играта на бразилскиот ветеран.
„Вистинска милина е да се игра во друштво на една таква величина каква што е Ривалдо, бидејќи тој воопшто не изгубил од својот фудбалски сјај. Тренерот Сколари во првиот дел не држеше на клупа, а во вториот дел влеговме како напаѓачки тандем и веднаш се почувствува разлика во играта. Тврдам дека во моментов нема играч што може да одигра толку квалитетен и прецизен пас како него. Инаку, голот го постигнав во вториот дел по едно нафрлување во шестнаесетникот. Ги натскокав своите чувари и со глава го постигнав својот гол-првенец во дресот на Бунјодкор„, ни рече напаѓачот.
Инаку, во сабота Ристиќ и соиграчите на кратко се враќаат во Ташкент (Узбекистан), каде се очекува неговата промоција пред домашната публика, а потоа во понеделник повторно се враќаат во Дубаи, каде ќе продолжат со подготовките.